www.ego.com.mk
Број3 ; 30 септември 2004
 
 
 
 
 
 
MOL
 
 

 

ДАЛИ СЕ СЕЌАВАТЕ НА СФРЈ ?

Гореименуваната држава постоеше четириесет и кусур години. Во најголемиот дел од нејзиното постоење ја водеше Тито, а заврши како Титаник. Крупните случувања од типот што му рече Кардељ на Тито и зошто Маршалот на старост ја остави Јованка, му ги препуштам на колегата Владимир Дедијер. Од мене еве неколку ситни нешта што беа дел од секојдневниот живот на луѓето во земјата која се простираше од Вардар до Триглав.

 

ПЕЗ БОМБОНИ - Финтата беше во тоа како се сервираа. Со палецот се притиска на пример главчето на Шиљо и излегува малечкото бомбонче - десет сантими долго правоаголниче. Кога едното е изедено на ред доаѓа другото. Откако Шиљо, Паја Патак, Мики ќе се испразнат се купува ново пакетче бомбончиња и повторно се редат внатре. Во некоја продавница ќе налететате на нив и денес . Не верувам дека некој ги купува.

 

ФИЛТЕР ЈУГОСЛАВИЈА - Една од најпопуларните марки на цигари го носеше името на самата држава. Црвената опаковка направена од ефтина хартија се проѕираше од горните џебови на многу бели машки кошули. Беа омилена кај постарите генерации и кај класата која што беше владеачка - работничката. Пропадна СФРЈ и по некое време ја снема и Филтер Југославија .

 

СОК ФЛАВОРАЈТ - Светло зелена кесичка со големина на оние во кои што денес се пакува лимонтус и слични додаци јелима, беа нацртани две лични главчиња на момче и девојче. Двајцата во устата имаат сламки кои водат до една чаша со сокче. Ако Кокта беше пијалок на нашата младост, тогаш Флаворајт беше сок на нашето детство. Правот од кесичката се истураше во еден литар вода и се добиваше сокче со речиси флоуросцентна портокалова боја. Со додавање на шеќер можеше да се произведе и повеќе. Негов наследник во 90 тите години на минатиот век беше СТЕП, или на галено степче. Кога во студентски дом или некое станче ќе нагрнат гости од секаде (а е крај на месецот и од дома немаат абер да испратат пликче со пари) тогаш на сцената стапува степчето. Се меша со шеќер по желба, стегаш вода колку сакаш и можеш да произведуваш и хектолитри. Плус кафе и поголема чест за гостите - здравје!. Така успешно ги продолжувавме традициите на македонскиот домаќинлак и до уметност ја доведовме филозофијата на живот позната под името Праење на економија .

 

ПРАШОК БИЛЈАНА - По оваа песна која што знаат да ја свират и потпросечните ученици во Средно музичко се крсти и најпознатиот македонски детергент. Добро, Билјана си беше чупе на место, бели платно за свекор и свекрва и така натаму. Заслужено си доби статус на трејд марк на нашите домаќинки. За волја на вистината набрзина фрла око на некое момче од карванот, и прави дил да го трампи платното за детево. Така, тука се проблематизира моралниот лик на македонската жена , но ајде да не бидеме пуританци.

Мирко и Славко, factum est

 

 
 
 
 
 
 
 
Copyright 2004 EGO, All rights reserved.