Почетна --> Архива --> 280 --> БИТОЛА ЈА ПОЗНАВАМ, ВО БИТОЛА НИКОГО НЕ ПОЗНАВАМ!
БИТОЛА ЈА ПОЗНАВАМ, ВО БИТОЛА НИКОГО НЕ ПОЗНАВАМ!
Автор: Здравко Божиновски   

Имајќи потполна доверба во селаните од леринското село Ајтос, во април 1904 год., војводата Турунџев ноќуваше во куќата на Митре Гинков, каде што во сон, на препад, без борба, беше жив фатен и врзан, а потоа спроведен во злогласниот битолски затвор, познат како Катилането, којшто се наоѓаше близу до Чинарот.

„Многу го мачеа, му ставаа клечки под ноктите, го гореа со железо за да посочи некого од своите соработници од градот. Неговиот одговор беше еден: „Битола ја познавам, во Битола никого не познавам!“

За славниот лерински војвода од с. Горно Врбени или по турски Екши Су (Кисела Вода), Александар Турунџев, за кого народот ја испеа преполната со трагика, песна, „Црно му било пишано на Александар Турунџев“, многу малку е пишувано. Постои само една малечка брошура „Александар Турунџов“ напишана од д-р Душко Хр. Константинов, објавена во едицијата „Незаборавник“ (Издавач „Комунист“ - Скопје, „Киро Дандаро „Битола, без година на печатењето). После долгото барање на некаков документ што би фрлил светлост врз оваа славна личност, дојдов до два англиски извештаи во кои се изнесени податоци, до сега непознати за нашата историографија, во врска со трагичниот крај на Турунџев, „шеснаесет години војводата“, (не : „шеснаесетгодишен војвода“, кое наведува на нелогичната мисла дека тој имаше само 16 години кога беше обесен!). Всушност, неговата возраст кога беше обесен е загатка, зашто не се знае годината на неговото раѓање. Ако се има предвид дека тој, пред да биде обесен, беше 5-6 години комита (војвода), не можел да излезе во четата на 11-12 години и да има „жена и дробни дечиња“, како што пее песната. По сè изгледа дека пред да стане комита тој веќе десетина години ајдукувал, па така со годините на комитството се добиваат околу „шеснаесет години војвода“). Ако на овие години се додадат 16-17 години кога стана ајдутин, се добиваат 32-33 години возраст кога беше обесен. Значи, приближната година на неговото раѓање е 1873-1874 година. Отприлика тука се и размислувањата на Д. Константинов.

Генералниот конзул на Велика Британија во Солун, Р. Грејвс, со писмена пратка од 18 септември 1905 год., го извести британскиот амбасадор во Константинопол, Н. О. Конор, дека од Пјер Д.

Писурика, драгоман

во британскиот Конзулат во Битола, добил извештај за „егзекуцијата“ на војводата Александар Турунџев. Еве го тој извештај.

 

N=20

Солун,

18 септември 1905

Генералниот конзул во Солун, Р. Грејвс, до британскиот амбасадор во Константинопол, Н. О. Конор.


Господине,

Имам чест, во прилог да Ви доставам копии од една пратка, како што е наведено во маргината, која ми беше доставена од г. Писурика, драгоман во Конзулатот на Неговото Кралско Височество во Битола, во кое известува за егзекуцијата на 12 о.м. врз еден бугарски водач на чета, по име Алексо, од Екши Су, кој беше осуден на смрт пред осум месеци за злодела извршени за време на востанието во 1903 во Битола, кој во затворот полуде и се обиде да изврши самоубиство.

Известен сум дека бугарското население го извршило закопот кој се одржал истиот ден кога била неговата егзекуција и демонстрирало. Неколку илјади (граѓани – З.Б.) го следеле ковчегот, кој бил покриен со венци, до бугарската црква („Света Недела“ - З. Б.), каде телото било закопано во гроб веднаш зад олтарот (источно, до црквата – З.Б.). Сите бугарски продавници биле затворени на улиците по кои минувала погребната поворка.

Оваа манифестација ни дава доказ за силната позиција што ја има револуционерното движење на бугарското население во Битола кое, исто така, е незадоволно од индиферентниот однос на власта спрема грчките злосторства извршени во Вилаетот.

Р.В. Грејвс“

 

Во пратката беше приложен и следниот писмен извештај од драгоманот Писурика, пишуван на француски јазик.

 

 

„Битола,

12 септември 1905


Драгоманот Пјер Д. Писурика во Битола, до Генералниот конзул Грејвс, во Солун.


Господине Генерален конзул,

Имам чест да Ви доставам, за ваше знаење, известување дека лицето Алексо од Екши Су, бугарски водач на чета, фатен и затворен тука околу година и пол, од Неговото Султанско Височество, денеска (12 септември), околу пладне, беше егзекутирано.

Неговото тело беше изложено на пазарот (Атпазар – З. Б.), до пладне.

Бугарскиот водач на чета , Алексо, беше обвинет и осуден на смрт за следните злодела:


1. Во 1904 год. тој се обидел со динамит да го онеспособи мостот на железничката линија кај Екши Су, ги оштетил шините на линијата и притоа убил неколку војници.

2. Тој убил четворица војници и ранил еден војник во селото Нерет, (Леринска кааза);

3. Го убил патријаршискиот свештеник од селото Ајтос (Леринска кааза), по име Папаконстантин и ја запалил неговата куќа.

4. Во селото Екши Су (Леринска кааза), тој го убил лицето Ванев (ликвидиран од Турунџев како предавник. ) и ги ранил неговата жена и ќерка.

Освен овие позначајни злодела, можат да се набројат и други полесни злодела.

Водачот Алексо, пред неколку месеци се обиде да се убие во затворот скокајќи од еден прозорец, поради што тешко си ја повреди главата и си ги скрши нозете.

Тој лежеше во турската болница.

Исто така, по некое време во затворот тој го изгуби разумот и се збудали.

Инаку, тој се држеше добро.

Конзуларниот кор не присуствуваше при извршувањето на казната.

Примете срдечни поздрави.

Пјер Д. Писурика“

 

Во рамките на својата револуционерна дејност и имајќи потполна доверба во селаните од леринското село Ајтос, во април 1904 год., војводата Турунџев ноќуваше во куќата на Митре Гинков, каде што во сон, на препад, без борба, беше жив фатен и врзан, а потоа спроведен во злогласниот битолски затвор, познат како Катилането, којшто се наоѓаше близу до Чинарот, на местото каде што денес се наоѓа ОУ „Ѓорѓи Сугарев“. За определување на април како месец кога Турунџев беше фатен од аскерите, помогнаа податоците изнесени во цитираниот извештај од Писурика: „Фатен и затворен тука околу година и пол“ (18 месеци), па бидејќи беше обесен на 12 септември 1905 г., произлегува дека беше фатен во месец април 1904 год.

Енигмата околу

Името на предавникот

ќе ја разјасниме со помош на логиката. Како можеа аскерите бесшумно да влезат во куќата и во собата каде што спиеше војводата, и во сон, жив и без отпор да го фатат, а притоа, да не бидат слушнати ниту од домаќините, ниту од самиот Турунџев? Како аскерите знаеја каде спие тој? Очигледно е дека Турунџев беше фатен по претходно веќе извршено предавство, испланирано и реализирано од самите домаќини, најверојатно за пари! А и фактот дека аскерите влегоа боси во собата, со претходно слечени чевли кои, инаку, креваат голем шум, зборува за нивното содејство со домаќините! Во прилог на овие заклучоци оди и конкретното именување на предавникот во народната песна:

 

Бог да го бие шпијуно,

шпијуно Митрета Гинков,

што го предаде Алексо,

за сто и педесет жолтици!

 

Претепаниот Турунџев беше фрлен во тесните долапи на темните и влажни битолски зандани, во кои не можеше човек ниту да се заврти, ниту да седне, ниту да легне, со строго забранета надворешна посета.

„Многу го мачеа - изнесува во својата брошура д-р Душко Константинов - му ставаа клечки под ноктите, го гореа со железо за да посочи некого од своите соработници од градот. Неговиот одговор беше еден: „Битола ја познавам, во Битола никого не познавам!“

Мачењата ги трпеше молкум, со стиснати заби, паѓајќи во бессознание од болка, го освестуваа со потурување на главата и лицето со студена вода, без да успеат да му ја скршат челичната волја за некого да предаде!

Во јануари 1905 г. беше одржано

Судењето

пред Вилаетскиот воен суд, во затворена судница, без присуство на надворешни лица. Месецот е одреден со помош на податоците од извештајот на конзулот Грејвс : „Беше осуден на смрт пред осум месеци“, а осум месеци пред пишувањето на извештајот, односно обесувањето на Турунџев, беше месецот јануари истата година.

На прашањата не одговараше, употребувајќи го само познатиот одговор: „Битола ја познавам, во Битола никого не познавам!“ Најпосле, поради многубројните тешки обвиненија (наведени во цитираниот извештај од Писурика) тој беше осуден на смрт со јавно бесење, и тоа на Атпазар (Коњски пазар), со цел да го понижат и при бесењето!

Меѓутоа, извршувањето на смртната казна власта го одложуваше цели осум месеци, надевајќи се дека, сепак, со измачувањата ќе го скршат неговиот челичен дух и тој ќе ги каже своите соработници од Битола. Сакајќи да си ги скрати маките, во една прилика Турунџев успеа да се добере до прозорот и да се фрли во дворот со намера да се самоубие. За жал, остана жив, но од падот тешко ја повреди главата и си ги скрши нозете, заради што беше однесен во затворската болница.

Неговото храбро држење во Катилането го потврдува и Писурика во цитираниот извештај: „Инаку, тој се држеше добро“. Но, сепак, како последица од тешката повреда на главата и натамошните мачења, тој го изгуби разумот и полуде.

Најпосле, на 12 септември 1905 год., утрото, окован во синџири, Турунџев беше изведен од Катилането, а потоа вооружените заптии го поведоа кон

Атпазар

Минувајќи зад седиштето и сарајот на битолскиот валија, стигнаа до мостот кај Безистенот, од каде свртија по левата страна на реката Драгор. По целиот пат кон поворката се приклучуваа многу граѓани чиј број наскоро нарасна на околу две илјади. Сите христијански продавници беа затворени по улиците каде што минуваше поворката. Под рибарниците, кај железното мовче познато како Мостот на Мојсо, поворката заврти лево и стигна на Атпазар, до главниот пат за Прилеп и Лерин. На пладне, Турунџев беше обесен на бесилката поставена спроти кружното поило за коњи. На единствената слика направена од обесувањето на Турунџев, јасно се гледа дека присутните граѓани стоеја зад кордонот од вооружени аскери.

Еве цитат од брошурата на Константинов за чинот на бесењето:

„Толпата запре на Атпазар. На мегданот – подигната бесилка! Кордон од заптии. Засвири труба, настапи гробна тишина... Малку понастрана, некаков дервиш почна да ја чита пресудата. До него збунет поп матка со нозете.

-Твоите последни зборови, Турунџа?

Тој се поткачи на некаков кош, ( според сликата, јас мислам дека тоа беше столица со наслон (сандалија) – З. Б.), го фати јажето, ги подигна гордо очите кон небото и извика: ’Македонија ќе биде слободна!’ Потоа трупот му овисна. Едно срце престана да чука...“

Конзуларниот кор од Битола не присуствуваше на грозниот чин.

Потоа, „неговото мртво тело до пладне стоеше изложено на пазарот“. Попладнето истиот ден, по одржаните демонстрации „неколку илјади граѓани го следеле ковчегот кој бил покриен со венци до бугарската црква („Св. Недела“), каде телото било закопано во гроб веднаш зад олтарот“

Многу значајна е забелешката од конзулот Грејвс ставена на крајот од извештајот:

„Оваа манифестација ни дава доказ за силната позиција што ја има револуционерното движење на бугарското население во Битола кое, исто така, е незадоволно од индиферентниот однос на власта спрема грчките злосторства извршени во Вилаетот“.

На местото каде што стоеше бесилката на која беше обесен војводата Турунџев „беше поставен дрвен крст, кој стоеше сè додека на неговото место не беше поставен метален столб со електрична сијалица - пишува Константинов, која напомнуваше на бесилката. По ослободувањетотој беше отстранет, зашто со новиот урбанистички план на градот тука беше проектирана зграда, што беше и реализирано, а на неа поставена скромна спомен-плоча“ која стои и денес.

 

 
 


Карпатија
___________________________
Rustiko
___________________________

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски
_______________________________