|

ЗА ГРСТ НАПОЉОНИ
Од Европа ги вратиле, на Кајмакчалан ги фатиле.
1. Одисеја 2009.
Европа е заградена со шенгенски ѕид. Народот бара чаре да бега, да добие азил или барем привремен аусвајз, да може да заработи некоја банка. Ни на животните не им е лесно. Македонските граничари имаат наредба да пукаат на секој што ќе се обиде да ја премине границата. Ретко кој се осмелува. Одеднаш, во големи групи почнуваат да доаѓаат зајаци.
- Ве молиме, пуштете не да преминеме!
- Шо е проблемо со вас?
- Во доверба ни кажаа дека наскоро ќе ги убијат сите жирафи во земјата.
Едниот од граничарите се смее, се наведнува и погалува некои од зајаците.
- Абе, вие не сте никакви жирафи!?
- Ние тоа го знаеме многу добро - вели предводникот на зајаците. - Но, како да го докажеме тоа?
2. Егзодус 2010.
Шенгенот - паднат! Стотици завалии со биометриските в џеб, тргнале низ Европата да бараат работа. Некои за корка леб, други за грст евра... секој според амбициите.
Во Минхен на улица се среќаваат Трпе и Вангел. Прашува Трпе: Како се снајде во градов, пријателе? Вангел: Онака, средно, не е лесно. А ти? - Супер, вели Трпе. - Дојди да ти покажам. Ја гледаш онаа вила таму? Е, тоа ти е мојата вила. Го гледаш мерџото пред вилата? Е, тоа е мојата кола. Во тој момент на терасата од вилата излегува една преубава плавуша.- Е, тоа ти е мојата жена - вели Трпе. Одеднаш на терасата излегува еден тип и ја прегрнува плавушата. - А, гледаш, Вангел, она таму... тој сум ти јас!
3. Враќање 2010.
Значи, рековме стотици завалии со биометриските в џеб, тргнале низ Европата да бараат работа. Некои за корка леб, други за грст евра... секој според амбициите. Тргнале и ги вратиле.
4. Авантура 2010.
Неколкумина битолчани (што адвокати, што обвинители, што џандари) кои сфатиле дека најголемото богатство е во родната земја, а не во странство тргнале низ Кајмакчалан со детектори да бараат злато. Некои од нив заради авантура, други за грст напољони.
Тргнале и ги фатиле.
5. И ај сега! Кој пат да го фатиме?
|