Почетна --> Архива --> 229 --> КУЛТОТ НА МИТРА... БОЈАЏИВКАТА
КУЛТОТ НА МИТРА... БОЈАЏИВКАТА
Автор: Спектатор   

Пред исвесно време имав лаф-муабет со еден необичен човек кој манифестираше идолатрија спрема нашата татковина. Г-нот беше скромно облечен со врзан кептар (фута ли, престилка ли, скутина ли?) околу појасот во форма и комбинација на триаголник кој се преклопува со квадрат. Во неговата позадина стоеше некаква за мене непозната ознака исполнета со геометриски прибор на која пишуваше "Нека биде светлина". Да не ве давам со подробности, туку да преминам на думите што ми ги пренесе персоната, кои јас несебично ќе ги споделам со Вас. Аирлија!

***

Пред самитот во Букурешт паднала спогодба на државниот врв да ги турнеме гаќите до глуждови и да прифатиме компромисно име Северна Република Македонија. Македонското национално едниство било

Ептен големо и цврсто

во тие моменти. Во делегацијата која летала за Романија бил учесник и некој роднина на првиот министер кој од што бил таен, се бавел со тајни работи и никој жив немал појма кој е човекот! Дури, неговиот идентитет не можеле да го откријат ни ЦИА, ни БНД ни МОСАД заедно. Се однесувал комотно како да е Големот архитект на универзумот. Го викале големото уво во земјата, а севидливото око во странство. Од толку што бил видовит можел комплексно да го види Срѓан Керим и поединечно

И Срѓан и Керим

Тој бил разумот на делегацијата и организирал да се прикаже еднинство пред Европа односно уште кога ќе стигнат на аеродромот во Букурешт сите да викаат ураааааа, урааааааа, ураааааа. Арно ама некој неидентификуван наместо ураааа викал уаааааа, уааааааа, уаааааа!!! Апла се покажала нашата некоординираност и неслога што кај западните земји-членки на НАТО, тоа делувало како несериозно. И... и грците ни дадоа гето, пардон... вето!

Овој, пријателов мој (со кептарот) да не се зезнал? Па ваква вицотека кај нас нема шанси да се случи! Вакви работи не може да измисли ни Никола... мислам, Никола Тесла! Од таа попоара што ја јадовме тогаш, во наредниот период решивме да манифестираме ќутлама. Поарно така, отколку нешто да гугнеме и да не сетат. Кој ќути изгледа е многу умен, знае, има моќ и сила. Сепак претпоставувам дека овој мојов friend е малку заболен од роза (извинете, склероза), па работите ги извртоперува по епизодно сеќавање.

Мореее, не ќе да е така! Пријателов ми го зеде здивот кога почна да изнесува работи за некои луѓе кои припаѓале на тајни друштва. Не УДБА, кодоши и остала боранија, не АЛ КАЕДА, МАФИЈА, ТРИЈАДИ и остала заебанција, и не МАСОНИ, ТАЈНИ СЛУЖБИ и други скришни тајфи. Туку, ми зборуваше за некои КАТАРИ кои по грчки се преведувале како "чисти." Меѓу Словените катаризмот се развил во Македонија, па од таму се проширил низ западна Европа. Катарита биле дисципинирани аскети и верувале дека злото може да се истисне, само ако му го свртиме грбот на материјалнот свет. Се одрекувале од имот и биле вегетаријанци. Најистакната фигура приврзана на ова тајно друштво  според изнесувањата на мојот пријател, бил некој поранешен грчки премиер кој самиот се декларирал како Македонец и некој поранешен починат премиер на Словенија кој во дамнина бил член на колективното претседателство на СФРЈ. Од битолчаните во ова "лепо друштво" според мојот пријател се вгнездил еден познат писател прикажан во публикацијата "Значајни личности на Битола".

Натаму, ми раскажуваше за некои мистериозни персони кои еволутивно се развивале од Витези-болничари, преку Витези на светиот гроб, па Витези на Св.Јован за да се етаблираат како МАЛТЕШКИ ВИТЕЗИ. Во основа на нивната тајна активност била

Одбраната на сиромашните

и болните иако по малку се обвинуваат дека биле поврзани со екстремни десничарски групи. Наводно тука припаѓале некој поранешен директор на ЦИА, некој поранешен шпански воен визионер и некој актуелен македонски амбасадор. И, види богати! - со орден Малтешките витез бил одликуван некој епархиски архиереј (по наше владика од Светиот синод на МПЦ - ОА - ептен познат на битолчани) и некој поранешен македонски претседател.

Уште зборот недокажан веднаш почна да ми кажува за некое тајно здружение кое на времето ги штитело аџиите од пакосните бандити на нивниот пат за Светата земја. Мислам дека овие ги нарече ТЕМПЛАРИ. Како продолжеток на темпларската активност го спомена еден поранешен

Пратеник-аџамија

ем екс-конзул, сега директор на библиотека и потпретседател на новоформирана политичка партија во РМ. Неговата божја мисија во моментов била да оформи огранок на Темпларите во градот на конзулите.

Се извинувам што не споменувам имиња ме има фатено она болеста како се викаше "РОЗА"!

Даље, он прича. Италијанската влада падна на 26.05.1981 по скандалозното откритије дека во неа биле инфилтрирани членови на некоја илегална масонска ложа P2 - PROPAGANDA DUE. По ова за помалку од 2 месеци италијанските власти ги забраниле сите тајни здруженија. Инаку P2 се оддвоила од легалната италијанска ложа Grant Orient и се поврзала во "бизнис односи " со ЦИА.

Што било интересно од ова за нас? А... ми текна!! Дел од тие илегални членови на Р2 да ти биле вклучени во легалната парламентарна политичка кампања на една моќна политичка партија кај нас!

Си помислив, ај да прекинам со разговорот?! Но, рака на срце, ми беше доста интересна. Пукав од љубопитност. Се претворив во уво. А мислев овие, демек тајните структури, настојуваат да ја развијат толеранциата и напредното мислење во многу области од животот.

Ми кажуваше за некое полутајно здружение кое манифестирало добронамерни цели и неговите членови наводно биле следбеници на некој народ кој бил прогонет од Вавилон многу години пред Исус. Ги нарекуваше ЧУДНИ БРАЌА. Таков чуден брат опстојувал и во РМ и бил член на првата експерска влада.  Како чисто политични определена индивидуа познат бил по иницијативата во некоја си таму македонска партија да се формира "Совет за стратегиски иследувања на партијата" - ексик... му го заборавив името!

За овај мојов соговорник во еден момент помислив дека е нахален што велат браќата б`лгари, демек безобразно нападен за да си ги задоволи своите интереси.

Не бре, пријатели мои. Овој мојов, да ти бил побрз и од моите размислувања! Одма почна да ми кажува за некој КУЛТ НА МИТРА и за нивните ритуали кои биле симболизирани преку бик (без шап и лигавка), чекан и круна, како и за нивното учење кое се движело во насока како да се стане подобар и исправен граѓанин. Во основа митраизмот не бил антисоцијално здружение и неговите цели не биле спротивни на етиката на националната држава, ниту пак овој култ ја загрозувал моќта на државата.

Во цел овој приказ се ми беше јасно само ми го матеше умот она кој го постави бикот среде Скопје. Но работите ни се разјаснија кога пријателот (со кого сепак чуствував пријатен каршилак) ми посочи дека приврзеник на овој култ била некоја членка на МАНУ по потекло од мариовско - мегленскиот крај и подалечна роднина на чучук-Митра бојаџивката.

Пријателот ме шашардиса со интересни содржини за некои АССАСИНИ, ГАРДУНИ, ИЛУМИНАТИ, КАРБОНАРИ, ОРДИНИ, ОЛТАРЦИ и слични

Тајни тајфи

со поука спрема мене и мојот народ доколку нешто тргне наопаку сепак ќе победи оној кој повеќе верува во сопствената крајна цел. И најверојатно затоа повеќе немало другари, а шопската и грчката салата биле не било едно исто.

 
 

Постара Архива

ГП Пелистер

Карпатија

Зк Пелагонија

Водовод

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски