|
Некаде '45-46-та. Земјата пресно ослободена, мириса на слобода. Еден од битолските борци, поранешен работник во Монополо, оди во Београд, по некоја важна партиско-државна работа... Оди тој низ големиот град, а Белград се знае, ламја е (уште Кочо Рацин така рече): Врие од луѓе, дуќани и најфасцинантно од се - високи згради! Бичим Монополо битолски, да не можеш да ги догледаш!
Се враќа во Битола и другарите во Комитето го прашуваат како е таму, во Београд. А бре другари шо да ви кажам, Београд си е Београд, полн е со монополи, монопол до монопол! Деновиве, 63 години по 1945 кога вриеше од монополи, или 17 години по стекнувањето независност, работата пак е иста - монополи на секој чекор! Иако имаме Антимонополска управа, T-Home и Космофон и ни пра'т финта - што и каква - земете го калкулаторот и калкулирајте! Иако има неколку светски брендови кои влегле во млекопреработивачката индустрија, погледнете на пр. што им прават млекарниците (во склоп на групацијата каде е битолската Имлек) на пр. на фармерите и на купувачите во Србија. Тие навистина не се монопол во македонски рамки, ама регионално... Само не ми е јасно - како може во Конго трајно млеко да биде 98 центи (американски) и тоа довлечкано од Аргентина! Таква калкулација не може ни со калкулатор да се направи! Е сеа, некои работи отишле и понапред. Пред 17 години во бакалчето откарши имаше два-три видови прашок за перење, а често и немаше; па вреќи од 25 кила брашно тип 400, 500 и наменско, а денес сите одбегнуваат бели брашна. Ако се вратиме уште малку наназад, кога промириса дека монополот од '45-та ќе се урне, се сеќавам кога пред 28 години една неделна мајска вечер место да корзираме, моравме да се прибереме дома без да ни биде јасно зошто треба да сме смртно преплашени поради смртта на еден човек, па макар тоа да биде и Тито. Тогаш беше незамисливо нешто лошо и да се помиcли за него. Денес, дури и во ЕГО може да се објави фотографија со Тито со гол газ. Фотографија од 1939 година, во логорот Гирс, Франција, каде престојувале припадниците на интернационалните бригади меѓу кои и „Југословени фотографирани додека се тушираат“ е автентична фотографија објавена во 1961 година во зборникот на шпанските борци кој веднаш, на мистериозен начин бил повлечен. Па, за то се борефне, не за монополи! |