|
Ако некоја болест, во подсвеста на човекот, асоцира на ужас, масовно умирање и хаос, тоа е - чумата! Оваа е една од најсмртоносните болести на човекот, која во 14 век довела до смрт на една третина од тогашното население на Европа (20 милиони луѓе!). И во подоцнешните векови чумата пустошела низ Европа и уништувала цели градови. Во 17 век Лондон бил зафатен со оваа болест. Чумата се појавила во април месец, а до зимата биле пријавени 68.000 смртни случаи а се верува дека тој број бил најмалку 100.000. Во тоа време не се знаело што ја предизвикува болеста, но се увидело дека се пренесува од болните на здравите луѓе. Затоа во некои држави болните ги сместувале во иста зграда и ги држеле подалеку од здравите. Во Лондон поради големиот број на заразени луѓе донеле одлука да ги заковуваат вратите и прозорците на домовите на заболените со целото семејство и да не дозволуваат никој да не излегува од внатре. Во многу случаи , ако се појавала зараза во некое семејство, тоа не се пријавувало за да не биде цело семејство затворено (најчесто и заразено) и со тоа точниот број на заразени и починати од оваа болест не се знае.
Постоела и теорија дека и кучињата и мачките ја шират оваа болест па таа година во Лондон биле убиени 40.000 кучиња и 80.000 мачки! Со тоа, незнаејќи уште повеќе допринеле за проширување на заразата. Во 1894 година при епидемијата во Хонг Конг , јапонскиот научник Китасато (Shibasaburo Kitasato) и поранешниот ученик на Пастер, францускиот научник Јерсин (Alexandre Yersin) , независно еден од друг докажале дека причинителна болеста е бактерија "Pasteurella pestis" сега наречена "Yersinia pestis". Резервоар на оваа болест се глодарите како стаорците, глувците , вервериците и прериските кучиња. Болеста се шири од глодарите на човекот преку болвите. Болвите ја шират болеста со тоа што пијат крв од заболениот глодар а потоа ќе преминат на човекот и ќе пијат крв од него. Човекот може да се зарази и при контакт со заразени животни, при каснување од нив и со вдишување на бактерии искашлани од болен човек. Колку е опасна оваа бактерија укажува и фактот дека се доволни три бактерии да доведат до болест кај стаорец. По откривањето на причинителот и начинот на пренесување на болеста, бројот на заразени луѓе битно се намалил, а со откривањето на сулфонамидите и антибиотиците и бројот на излечени луѓе рапидно се зголемил. Но приказната за чумата се уште не е готова. На почетокот на 21 век се уште во повеќе земји во Африка, Азија а и во некои делови на САД, чумата се уште однесува човечки жртви. Светската Здравствена организација оваа болест ја води под графата на "болести кои повторно се појавуваат". Чумата кај човекот се појавува во три облици: Бубонска и септикамијска како последица од каснување од болва и белодробен облик, како последица од вдишување на заразен материјал. Кај сите облици болеста се пјавува од 2 до 5 дена по заразата. Се јавува висока температура, треска и малаксалост. Кај бубонскиот облик доаѓа до зголемување на лимфните јазли и кај нелечените случаи сртноста е околу 60%. Кај септикамијскиот облик, бактеријата се шири по целото тело преку крвта и нападнати се повеќе органи. Се јавува болка во стомакот, повраќање, пролив, а смртноста е висока до 100% и тоа во во првите 48 саати! Кај белодробната форма се јавува кашлање со исцедок, кој брзо поминува во крвав и без лечење во првите 24 сати смртноста е 100% . Лечењето треба да почне што поскоро и со антибиотци бидејќи во задоцнетите случаи шансите за преживување се минимални. Вакцина против чумата постои, но потребно е подолг период да почне да делува, па е бескорисна при појава на епидемии. Редовната дератизација и зголемување на степенот на хигиената кај луѓето се најважни фактори во превенцијата на чумата. Како најпатоген агенс кој постои на земјата причинителот на чумата е предизвик за стручњаците на биолошката војна Уште во 14 век Монголите ги катапултирале своите мртви од чума врз градовите кои ги напаѓале и со тоа ја слабееле одбраната на тие тврдини. Се претпоставува дека денес оваа болест се користи во воени цели и тоа во вид на спреј. Новите научни сознанија укажуваат дека чумата почна повторно да се јавува на територии каде со векови ја немало, а како причина ја наведуват миграцијата на глодарите поради климатските промени. Можеби опасноста од озонската дупка е многу поголема отколку што се мисли, поради можни појави и на епидемии на болести како чумата, поради видливите миграции на носителите на вакви болести кон територии населени со голем број на луѓе. |