|
Односот на индивидуите кон моќта е еден од најважните проблеми на денешницата. Не е тоа прашање за знаењето за тоа што е моќ, ниту се работи за потценување на улогата и функцијата на моќта. Прашањето е - дали моќта за некого е света и пожелна и дали го импресионира од морален аспект? Зрела и високоееволуирана личност има посебен однос кон моќта. За неа моќта никогаш не постанува света.
Таа никогаш не презема улога на вистина или морална доброта. Оној кого моќта морално го импресионира не е кадар да рече „не“ на авторитети или на мнозинството и тогаш кога не се во право. Тој не е слободен да се залага за својата вистина, за своите вредности и за својата човечност, а со тоа не е слободен да биде она што е. Оној кој не се воодушевува на моќта слободен е да биде непокорен, за него Непокорноста е квалитет. Тој живее според мотото: „Најголема моќ е да не се посакува моќта“ . Проблем на секоја индивидуа е степенот на слобода кој го достигнал, што е поврзано со чинот на непокорување. Фром рекол: „Човечката историја отпочнала со чинот на непокорување, а би можела да се заврши со чинот на непокор“. Првиот дел се однесува на човечката еволуција, која во голема мерка се темели на противење на конзервативното за сметка на новото и напредното, но второто се однесува за опасноста од уништување на човештвото ако се покориме на оние кои се творци на нуклеарното оружје, а кои владеат со светот. Личности со медиокритетски карактер склони се кон верување во она за што се изјаснува мнозинството. Но личност со револуционерен карактер реагира сосема спротивно, таа е критична кога го чуе мислењето на мнозинството, мислењето на оние кои имаат моќ или на она што домионира низ чаршијата. Таквата личност е осетлива на клишеа и на здрав разум кој ги повторува истите глупости кои имаат смисол зошто ги повторуваат повеќето. Можеби во минатиот век било полесно да се препознае непокорот, зошто во тоа време авторитетот во семејниот и општествен живот бил многу нагласен па имало место за непокорување и храброст. Но, во современото живеење актуелна е една глобална доминација на западните цивилизации која ги диктира правилата на модерно живеење и инсистира на покорност повеќе со манипулација отколку со сила. Современите цивилизациски достигнувања наведуваат на убеденост дека луѓето сакаат да го прават она што од нив се очекува. Како човек може да размислува за непокорување кога не е ни свесен дака се покорува. Тој е само еден од масата кој прави она што е „разумно“? Многу е тешко да се биде непокорен ако човек не е ни свесен дека се покорува. Пример за тоа се современите “благодети“, како на пример компјутерот. Кој може да не му се покори на компјутерот? Кој може да му рече не на филозофијата на која и е идеал однесување без чувства и страсти, со ладен и пресметан интелект, каде кариерниот успехот и материјалните цели се најголемата среќа. Покорувањето денес не се препознава оти се рационализира како “здрав разум“ како прифаќање на објективната нужност. Ако е нужно разорното наоружување, сиромаштијата, зависностите, отуѓувањето и другите феномени на денешницата, ако сето ова се прикажува како објективна нужност, а не како чин на човечката воља, кој би можел да рече “не“. Индивидуата се чувствува мала и безначајна во споредба со бирократијата и мнозинството. Таа се плаши од моќта на мнозинството. Но митовите како Давид и Голијат даваат други пораки. Каде е Давид кој може да му рече не на Голијат, каде е тој мал човак кој смее да рече не на нешто што е илјада пати поголемо и помоќно од него? Индивидуата е заплашена и задоволна што може да се стопи со мнозинството. Таа ја прифаќа филозофијата на мнозинството во име на здравиот разум и прилагодливост, како не би осетил дека се потчинува. Што е она што преостанува, да се биде еден од многуте дел од масата или да се остане верен на себе си. Една зрела личност знае како конструктивно да ја покаже својата оригиналност и автентичност. Таа верува во она што потенцијално постои иако се уште не е родено. Таа може да биде непокорна и да рече “НЕ“ токму затоа што може да се покори и да рече “ДА“ на своите вистински вредности и потенцијали. Таа е независна и слободна, таа никому не е слуга. Но тоа не значи дека таквата личност е изолирана, зашто нејзиниот развој се одвива во процесот на замни односи со другите и светот. Независноста е патот до самоостварувањето. Тоа води до идентификување со човештвото и длабоко почитување кон животот, како и длабока љубов за животот. Ова е карактеристика на зрела, ментално здрава и еволуирана личност. Како што вели Фром: “Здрава личност во општествата на денешницата е потполно развиено и освестено битие во наполу рабуден свет. Еднаш кога сите ќе бидат свесни, тогаш пророци и револуционерни карактери нема да постојат - ќе постојат само потполно развиени човечки битија“. |