Почетна --> Архива --> 169 --> ДА Е ЗДРАВ И ЖИВ ГОЛЕМИОТ БРАТ
ДА Е ЗДРАВ И ЖИВ ГОЛЕМИОТ БРАТ
Автор: Јордан Николов   

Јордан НиколовАко ви текнува, на топ-листата најсмешни сексуално ограничувачки закони кои навистина постојат во САД (а која беше поместена во еден од броевите на ЕГО), следната вест и не би требало да нè шокира кузнај колку оти оди во препознатлива, тоталитаристички омилена - а ла американска - насока со која и Орвел би се гордеел. Повеќе откако ќе го прочитате текстот...

 

Големи се шансите цариниците на аеродромите низ светот во блиска иднина да добијат овластување за проверка на ајподот и лаптопот на патниците кои минуваат низ царина. Најавена е казна затвор за оние кои претерале со полнење на својата музичка колекција со нелегално снимени песни.

Од кабинетот на австралискиот министер за надворешни работи, Стефан Смит откриваат дека веќе започнале преговори за постигнување меѓународен договор за нови мерки за претпазливост, во кои ќе бидат вклучени лаптоп-компјутерите и aјподите на патниците. Австралиската влада тврди дека сe уште нема ставено потпис.

Тоа би значело дека невините музички фанови со огромни музички библиотеки можат да бидат обвинети и казнети со затвор поради  комерцијална пиратерија. Сe уште не е познато колкава количина нелегално симната музика ќе се смета за прекршок.

”Навистина не би било во ред да се проверуваат ајподите на патниците. Нема потреба да страдаме од вакви драконски режими, само за да се заштити индивидуалната сопственост”, револтиран е портпаролот на австралиската асоцијација на потрошувачи, Choice.

Американските издавачки куќи активно се залагаат за тоа владата на САД да убеди што е можно повеќе земји да заземат став на нула-толеранција.

 


Big Brother

 

Не знам за вас, ама мене ова ми звучи „сосема“ логично, исправно и оправдано. Замислете да може да носите какви сакате музички фајлови во вашиот лап-топ или ipod, а во нив да нема никој никаков увид. Па тоа е срам за демократијата и ужас за загарантираната (со устав) приватност - нели? Една суперсила која на своите жители толку добронамерно им го контролира, односно, стриктно определува, па и казнува, сексуалниот живот, зошто не би „ѕиркала“ во личните преносни компјутери и музички плеери?! Апсолутно нема причина! Па затоа оти да застанат на тоа!? Ајде, при влез во државата да им предложиме, како добри пријатели, да бараат увид колку пиратски филмови гледале таму од каде што доаѓаат, дали козметичките препарати им се оригинални, дали пума или адидас патиките или сандалките им се купени од на пазар или од ексклузивен брендиран бутик? Дали боксерките навистина им се Келвин Клајн, да мора да докажат дека пицата што ја јаделе е вистинска - италијанска а не пиратска (хе хе – ми се бендисува! Веќе ја гледам потенцијалната нова понуда во менито на некоја пицерија: „пиратска“ пица – 240 ден!)...

Мајтапот на страна, мислам дека работите ќе одат само кон полошо што се однесува до параноичниот страв на aмериканската индустрија за забава која по секоја цена сака да го спречи „нелегалното“ слегување и делење на документи. Сè ќе беше во ред доколку и самите беа толку доследни на принципите и правилата со кои наложуваат другите кон нив да се однесуваат коректно. Бидејќи многу години ја следам (конкретно) музичката индустрија, заради ангажираноста во радио-станица, а и поради личен афинитет, можам да кажам дека пофални зборови за музичката индустрија имаат искажано само и единствено претставници од истата. Никој друг. Никогаш. Сè беше во ред кога албумите чинеа 25-30 марки, па сега евра, и кога од профитот од еден единствен примерок издавачките куќи добиваа „скромни“ 45-55 отсто, а сето останато неверојатно „фер“ беше распределувано на останатите обични смртници, какви се на пример и самите автори на музиката која овие ајкули ја продаваат и без која ТИЕ не би можеле да опстанат - ама не! Тие успешно се справуваат со секаква криза откако прв пат го вкусија лесниот профит од продажба на туѓа креативност и труд. Иако се жалат дека губат којзнае колку пари - ич не се за жалење! Тие имаат толкав акумулиран капитал кој го вложуваат и вртат во други поголеми бизниси (како што е авио-транспортот, на пример) да можат комотно албумите кои чинеле 30 евра да ги продааваат за слегување од интернет за само 50 центи од песна! Ами сега, треба ние, купувачите,  ретроактивно да ја бараме разликата во износот од сите оние плочи, цеде-а и касети кои, налет друго! сè уште ги купувам, а не тие мене да ми гледаат в компјутер и во ајподот (кој уште го немам – се гордеам дека сум стара школа која слуша уште на sony диск-мен!)

Зошто тогаш не им се исплаќаше по 50 центи од песна да ги продаваат албумите!? А и зошто плочите уште се изгор скапи!? (добро, рака на срце знам оти, и оправдано е, ама ако можи афектот да го искористам за горливата болка). И значи, да завршам: не само што ќе бараат низ цел свет да има нула толеранција за пиратеријата, туку во блиска иднина насетувам и јавни бесења и каменувања ако ви „фатат“ в компјутер нелегално download-ирана песна. Прекрасна човекова слобода во високоразвиеното капиталистичко општество. Не берете гајле – далеку сме ние од категоријата „развиено“, а камо ли од „високо“, било какво општество.

 
 
Среќни Празници!

На своите верни читатели, весникот „ЕГО“ им ги честита Новогодишните и Божиќните празници.

Постара Архива

ГП Пелистер

Карпатија

Зк Пелагонија

Водовод

Макошпед

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски