Почетна --> Архива --> 169 --> ВОИН НА ПЕРОТО
ВОИН НА ПЕРОТО
Автор: ЕГО Редакција   

Добре ТодоровскиРаботниот век го помина во војничка униформа, но писател по вокација, Тодоровски секогаш во џепот има молив и бележник. Досега Добре Тодоровски (1960) е на девет книжевни  остварувања. Со него разговараме за приликите од областа на литературата во Македонија и во Битола, за пројавените проблеми и нивно надминување, за опстојувањето на јазиците на помалите народи...

Година на македонскиот јазик.

Декларативно, да. Меѓутоа, во пишаните и електронските медиуми, сведоци сме на искривување и разнебитување на автохтониот збор во изговорот и во составот на речениците. Во поедини региони во Македонија, говорот е толку искривен до констатација на негова тажна препознатливост. Оттаму, постои логична опасност на голем број зборови на кои извориштето им е токму одовде, да им се заметне трагот и да останат во длабок заборав. Користејќи ја таа практика во подолг временски период секако дека ќе се замати изворот на македонското говорно подрачје и ќе се добие неидентификуван говорен лик при изразувањето. За жал, денеска, во центарот од каде се управува со се што е поврзано со литературното творештво, најмалку во секојдневната комуникација се практикува литературното говорење, а што е уште потрагично, ништо не се презема за зачувување и одржување на чистотата на македонскиот збор.

 

Литературното народно богатство и негово зачувување.

Додека во земјите што не опкружуваат, па и пошироко, силно се инсистира на враќање на фолклорното историско богатство, со самото тоа и на обичаите кои го карактеризираат изворниот говор, што во суштина е препознатливост на еден народ, обележен со одредени просторни граници, кај нас може да се констатира обратното. Дијалектите на ова подрачје не се доистражени. Треба да се поработи на ова поле. Писателот Радован П. Цветковски, веќе години наназад работи на речникот на демирхисарскиот говор, за кој верувам дека ќе биде од голема полза за македонскиот јазик. И од јазична и од историска гледна точка, најчистиот дел од македонскиот етнос се наоѓа во триаголникот Битола - Прилеп -Демир Хисар. Тоа е срцевината со најмалку странични влијанија, а тоа е  можност за сочувување на чистотата на сето фолклорно богатство. Оттаму, сметам дека Битола е стожерниот град во Македонија околу кој треба да се врзуваат поголемите културни настани, а не да биде на маргините на литературното битисување.

           

Изумирање на јазиците на помалите народи.

Можеби. Но тоа не се однесува на нашиот народ и јазик. Ние сме народ со длабоки корени и не треба да се плашиме од тоа. Ако со векови не успеале да го искоренат јазикот и културата, сега кога има толку многу записи, снимени материјали, фотографии и книги испишани на македонски јазик, книги каде што особен печат е јазикот на обичниот човек, кој не знае да искривува, ами го кажува она што го мисли и живее, нашиот јазик останува за век и вајвек.

 

Нови зборови од западниот свет.

Не сум противник за користење на модернизмите или вдомените зборови, но секако дека најмногу пречи искривувањето, па би рекол и исмејувањето на голем број изворни зборови. Кога ми го поставуваат ова прашање, секогаш сакам да го цитирам Петре М. Андреевски, кој велеше: "Загубата на некој збор, е многу потажна од загубата на еден човечки живот, зашто зборот опслужувал еден цел народ и тоа многу подолго од сите наши животи заедно. И зашто, во неговото значење се среќавале сите луѓе на овај народ". Мислам дека со оваа една реченица се е кажано.

 

Културните настани во Битола.

Години наназад говорам за литературните манифестации, но не се случуваше апсолутно ништо. За жал, сликата беше уште пожална во времето кога имавме и министер за култура во владата на РМ. Само што се зачна Фестивалот за монодрама, во организација на тогаш Домот за култура, каде што домашните автори добија можност да се искажат на ова поле, набргу истиот го згаснаа, како што згасна и единственото гласило за пишаниот збор "Раст", кое во прво време беше подржано и од страна на Министерството за култура.

 

Добре ТодоровскиИ сега има фестивал за монодрама!

Да, но нашите уметниците и писателите ги нема ни во публиката. А, ве уверувам, дека голем број монодрамски текстови од наши автори се далеку подобри и поквалитетни од оние кои се прикажани на фестивалот за монодрама. Искрено, ние писателите, се понадевавме дека тоа ќе биде фестивал на македонската монодрама, во која учество ќе земат и автори надвор од РМ, но ете, се  случи поинаку.

 

Литературна манифестација, која може да се носи со слични манифестации од другите градови?

Повеќе од потребна! Речиси секој град во РМ има своја литературна манифестација, би ги спомнал: Прличевите денови во Охрид, Карајанови средби во Радовиш, Рацинови денови во Велес, Празник на липите во Скопје, Мариовско-мегленски литературни средби во Прилеп, во Љубојно се одржуваат Средби посветени на Манивилов Преспански, Поетските средби во Галичник, Поетска манифестација Велестово, Манифестација посветена на Живко Чинго, Струшките вечери на поезијата... каде што, учество земаат познати писатели од РМ. Зарем Битола-град на културата, не заслужува една силна литературна манифестација?

 

Во Битола се одржа "Средба на роднокрајните автори" и "Хераклејска поетска вечер".

И едната и другата манифестација заслужуваат внимание. Но, отсуството на креативност и површниот пристап кон организирањето на вакви манифестации се должи на слабиот одѕив на посетители, така што истите се сведуваат само на посета од роднините. Повторно нагласувам, зависи од организираноста, истата да не се остава на еден човек и само за да се задоволи формалноста.

 

Што треба да се направи?

Во рамките на Битолскиот книжевен круг од група писатели дадени се повеќе предлози. Еден од нив е организирање манифестација  Пелистерски литературни средби, кои би биле поставени на високо рамниште, односно манифестација од државен карактер. Во Битола има плеада неискористени културни работници-креативци, кои само треба да се мобилизираат за вакви манифестации, кои ќе се носат со овие што ги наброивме, со неизоставната тесна соработка со Општината и релевантните фактори при локалното министерство за култура. Тогаш, уверен сум, успехот ќе дојде сам по себе.

 

Соработката со министерството за култура.

Сега-засега, со министерството за култура и со локалните фактори од оваа дејност сме на "Вие". Сакам да речам, не се познаваме, не сме имале конкретна соработка. Иако од наша страна во рамките на Македонското научно друштво-Одделението за литература и лингвистика и Битолскиот книжевен круг, е покрената иницијатива за конкретни проекти.

 

Писателот во Битола и перспективите на младите автори?

За нигде-никаде! Егзистираме како Битолски книжевен круг, без постојано место на "живеење". Оттаму, контактите меѓу оние кои сакаат да творат, меѓу со писателите, се случајни, екцесни, на некоја промоција или на улица. А, што се однесува до перспективите, имам чувство како воопшто да го нема интересот кај помладата популација за книжевната творба. Мислам дека сликата ќе биде многу појасна ако кажам дека од битолските автори, членови на Друштвото на писатели на Македонија, јас сум најмладиот писател! Ако односот кон писателот остане ваков каков што е, ова се однесува и на целата Република, како да очекуваме интерес кај младите да почнат да пишуваат, поезија, расказ или роман?

 

Поддршка за издавање книги.

Ретко кој од битолските писатели може да каже дека добил средства за печатење на книга. Кога со формирањето на Битолскиот книжевен круг кренавме глас, мислам дека работите се помрднаа од место, така што минатата година на списокот се најдоа неколку писатели. Што се однесува на локално ниво, единствената поддршка во напорите да се издаде книга, до сега ја добивавме од Градоначалникот на Битола, со покривање на дел од трошоците за печатење, како и по некоја работна организација. Останатото и понатаму останува од продажбата на книгата и собирање средства по пат на спонзорства, кои за жал, повторно ќе напомнам ги има се помалку и помалку.

 

Добре ТодоровскиСекретар на Одделението за лингвистика и литература при Македонското научно друштво - Битола. Местото на писателот во МНД?

Во ова Одделение каде јас сум секретар, членуваат сите писатели-членови на ДПМ. Единствено ни преостанува оттаму да делуваме. Но сепак ќе нагласам, ние сме само дел од Македонското научно друштво.

 

Белези во творештвото  на Добре Тодоровски.

Јас како автор кој користи дијалектна форма во творештвото, претежно се потпирам на народните мотиви и усната раскажувачка на обичниот човек. Носечката идеа ми е, со користење, условно речено на локалниот говор, да се завешти, зачувува и да се оттргне од заборав македонскиот збор, кој случајно или намерно се потиснува од секојдневната комуникација.

                                   

Инспирацијата кај литературените творци.

Поголем број автори својот книжевен опус го базираат на роднокрајното, со цел зачувување на јазичните записи со сите негови карактеристични белези, со што во секој случај даваат тежина на литературниот опус. Како кај други автори, така и јас инспирацијата ја црпам од пресликување на детството, мисловно навраќање на минатото, личните доживувања, или настаните од поблиското и пошироко опкружување кое го чувствувам како заедничко и каде што наоѓам здрава основа, автентичен материјал, а сето тоа ми овозможува посебна сигурност.

 

Ново книжевно остварување.

Се работи за збирката раскази со наслов "Прикрај", пишувана во до сега претпознатлив стил, а обработува настани содржани во секојдневната живеачка на нашиот човек од поблиското минато, останувајќи верен кон ликот на обичниот човек, кој сакал или не, со својата истрајност и битисување, создава своевидна историја.  Расказите се полни со возбуда, потресни и тажни животни приказни. Верен на традицијата, опишувам астани, бележити по својата уникатност за опстојба, својствена само на народот на овие простори.

 

Прикажи други статии од истиот автор

 
Среќни Празници!

На своите верни читатели, весникот „ЕГО“ им ги честита Новогодишните и Божиќните празници.

Постара Архива

ГП Пелистер

Карпатија

Зк Пелагонија

Водовод

Макошпед

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски