|
Најчесто кога се споменува набавка на куче или мачка во домот, како изговор против таа желба на децата, е тој, дека овие миленици се носители на "многу опасни болести" и затоа како алтернатива се предлага набавка на некое "поевтино и помалку опасно" милениче. Изборот најчето е стеснет помеѓу папагалче "тигрица" и чифт аквариумски риби. Ако изборот падне на папагалчето, основната причина за некупување куче или мачка, заразните болести, не е избегната. Многу често пердувестите миленици со себе ја донесуваат бактеријата Chlamidijom psittaci која знае добро да ви го загорчи животот. Оваа бактерија е причинител на болест кај птиците наречена пситакоза а таа и кај човекот може да доведе до силно атипично воспаление на белите дробови.
Главен резервоар на оваа болест во природата се дивите птици и тоа: папагалите, канаринците и гулабите. Многу често оваа болест кај птиците поминува без некои видливи знаци на болест па при набавката на ваков миленик, по здравстената состојба на птицата нема да се посомневате дека таа е носител на оваа болест. Најчесто од пситакозата или Папагалската треска како некои ја нарекуваат, заболуваат држателите на птици, ветеринарите и работниците на фарми на живина. Човекот се заразува со вдишување на прашина во која има честички на засушените излачевини на заразената птица. До појава на првите знаци на болеста поминуваат обично 10 дена. Првите знаци се слични на симптомите на грипот. Се јавува зголемена телесна температура од 39 до 40 степени, главоболка, болки во зглобовите и малаксаност. Првите симптоми на воспалени на белите дробови е кашлањето а понекогаш се јавува и крв во искашланиот секрет. Покрај болеста на белите дробови, често се јавува и хепатитис и менингитис, па болеста може да доведе до појава на нервни имптоми и кома. Симптомите кај младите луѓе се поблаги додека кај повозрасните луѓе се потешки и болеста може да заврши со фатален исход. Најтешки последици има при заразување од папагали додека при заразувањето од други видови птици клиничките симптоми и последиците се поблаги. Болеста не се открива лесно и само според симптомите па ако дома имате папагалче, како куќен миленик, тоа треба да му го потенцирате на вашиот лекар. Болеста се лечи со примена на антибитоци и таа терапија треба да трае најмалку 14 до 21 ден. За да се намали ризикот од од оваа болест, треба да се избегнуваат блиски контакти со птици од непознато потекло, да се избегнува престој во простории каде се сместени птици, да се набавуваат папагали и други птици од места и лица кои ги чуваат своите птици во добри услови и под надзот од ветеринар. Ако поседувате папагалче, канаринец или гулаби и кај вас или во вашето семејство се појават симптоми слични на оваа болест, треба за тоа да го известите вашиот лекар. |