Почетна --> Архива --> 168 --> ЖРТВИ НА СОПСТВЕНИОТ КРИТИЦИЗАМ
ЖРТВИ НА СОПСТВЕНИОТ КРИТИЦИЗАМ
Автор: М-р Марија Котевска - Димовска   

М-р Марија Котевска - Димовска Среќни социјални релации исполнети со љубов и почитување, е нешто  што секој од нас го посакува.  Но и покрај најдобрите намери и искрени напори тоа да се постигне,  ситуациите на конфликти и недоразбирања не можат секогаш да се избегнат. На повеќето од нас ни е јасно дека колку и да се трудиме и добро да постапуваме, тоа ќе биде помалку забележено од најситната грешка или пропуст што ќе ги направиме. Факт е дека е тешко да се добие наклоноста на мнозинството а уште потешко  да се избегне критизерството.

 

Што е критизерство?

Поимите критизерство и критика често се изедначуваат во негативниот контекст. Разликата меѓу нив е што вториот означува процена или коментар кој може да биде позитивен, негативен или неутрален. Критицизам пак означува барање или забележување на се што би можело да биде слабост или грешка. Вообичаено е кај нас порадо да се насочуваме на она што можеме да го критикуваме во негативна смисла, отколку на она што можеме да го пoфалиме. Критицизмот е најчест а воедно и најнегативен начин да се влијае врз другите. Се наметнува прашањето зошто овој феномен е толку присутен. Дали е проблемот во незадоволните критичари кои се насочени кон туѓите слабости или во навредливите жртви на оваа деструктивна и бесполезна активност. Колку и парадоксално да звучи,  најголеми жртви на критизерството се самите критизери. Имено оние кои најмногу критикуваат се воедно и најнавредливи и најосетливи на туѓата критика. Опседнатоста со другите  го успорува нивниот развој и созревање, па  наместо да се насочат кон надминување на сопствените слабости тие сета енергија ја насочуваат кон омаловажување на другите.

 

Каде лежат корените на  критизерството?

Во основа на критизирањето е потребата да се почувствуваме подобри или барем еднакво добри со другите, особено во области каде имаме негативно мислење за себе. Ваквото однесување обично е пропратено со чувство на олеснување,  кое ќе го препознаеме ако искрено ги преиспитаме чувствата кои не мотивираат на критицизам. Станува збор за многу краткотрајно и привидно олеснување кое само го замаглува вистинскиот извор на тежина кој лежи во личните слабости. Критката е всушност нивна несвесна проекција  која  повеќе говори за критизерот отколку за оној кому му е упатена. Но,  иако ова е општо позната вистина и на рационално ниво прифатена, сепак на емоционално ниво тоа потешко се усвојува до степен  критицизмот повеќе да не може да не допре. Секогаш кога некој критика не заболи, тоа е знак дека барем еден мал дел од нас верува во неа. Ако некој ни рече нешто во што вистински не веруваме ние само ќе се насмееме и истиот момент ќе ја заборавиме. Сепак некои критики помалку или повеќе не повредуваат. На тоа автоматски одговараме со возвратна критика. Барајќи и мани на другата личност како да сакаме да ја појачаме својата сигурност или надеж дека не е во право и да го разнишаме нејзиниот кредибилитет. Колку повеќе се цениме себе си толку полесно ќе ја видиме правата намера на другите, наместо да ги слушаме нивните зборови низ силниот филтер на личниот самокритицизам.

Последици на критицизмот

Критицизмот ги уништува односите и не лишува од можноста за многу убави искуства. Тоа е инфантилен начин да се привлече внимание, а воедно и можност да се казни другата личност. Со други зборови, кога некој ве критизира, тоа е веројатно добро прикриен повик за помош и желба за ваше одобрување. Но тоа е еден од најнеефикасните начини кој никогаш не дава резултати освен лутина и одбрамбени реакции. Сепак голема мистерија е зошто критизирањето се уште ужива голема популарност, а толеранцијата се доживува како пораз.
Наместо оваа неефикасна реакција многу подобро е да развиеме толеранција и почитување кон другиот. Идеално решение е да се постигне ниво на  самосвесност и самодоверба до степен туѓото критизерство да не  влијае врз нашиот мир и благосостојба. Да се прифати спокојно туѓото незадоволство преточено во критизирање или замерки е карактеристика на високоразвиена и интегрирана личност. Важен знак на мудроста е да се остане мирен и да не се реагира со лутина на критиките, дури и кога се неоправдани. Една древна мудрост кажува: Се што е големо тешко се крева, комплетен човек со голем срце тешко се лути.

 
 
Среќни Празници!

На своите верни читатели, весникот „ЕГО“ им ги честита Новогодишните и Божиќните празници.

Постара Архива

ГП Пелистер

Карпатија

Зк Пелагонија

Водовод

Макошпед

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски