|
Напишано во мојот дневник на 14.02.2002 Уживајте во мали работи... Тие го прават животот! Во нив барајте ја среќата! Радувајте се кога сонцето наутро ви ѕирка низ прозорецот и го гали вашето лице. Има ли нешто понежно од тоа? Радувајте се на пролетното ветре кога ви ја бушави косата. А дождот? Го сакам дождот... Посебно во лето.
Како ли само мириса тревата после дожд? Снег?! Колку само радост ми причинува првиот снег! Колку е прекрасна сета таа белина! Прошетките во ноќите. Светилките... Во зима доаѓаат празниците... Нова Година. Божик... Тогаш се собира семејството. се украсува домот. Срцата ни се полни со желби и надежи... Го сакам градскиот парк во есен. Какви ли само бои имаат лисјата! А кога има бура? И кога морските бранови беснеат? По малку страшно, но моќно и предизвикливо... Ја сакам и ноќта и ѕвездите и месечината. Особено кога таа се капе во езерото и така го прави блескаво... Сакам вода. Особено море. Сакам да пливам, да скокам на брановите, да ме гали сонцето. Тогаш се радувам како дете и врискам... Сакам и кога само ја набљудувам езерската шир качена на карпата кај Канео во Охрид, сама... Гледам... Тонам... Среќна сум... Мирна... Мирна како никогаш! Најблиску до Бога... Обожавам водопади... колку се само величествени... Природата сакам да ја набљудувам и кога сум дома. Често седам на балконот или ѕиркам низ прозорец. Ми се случило да пијам кафе чекајќи го изгрејсонцето. Најмногу го сакам времето кога денот си оди, а доаѓа ноќта, па не е ниту ден, ниту ноќ. Има нешто посебно во сето тоа... Сакам да патувам... И тогаш уживам во природата. Па уште и ако има некоја добра музика. Би можела да молчам со часови, што е навистина чудно кога сум јас во прашање. Се радувам на ливада полна цвеќе. Се радувам на капки дожд на прозорецот на автомобилот. Се радувам кога ветерот ми ја бушави косата а јас и понатаму ја држам главата на прозорецот од возот. Се радувам кога сум во авион и кога летам низ облаците иако првиот пат многу се плашев...
18.08.2008 Денес повторно му се навратив на Дневникот што некогаш сум го пишувала без нималку мисла дека еден ден некој ќе го чита ова. Или можеби посакував? Замислував? Којзнае... Можеби... Денес малку подзаборавив на убавините на природата зашто сум многу силно погодена од човечката злоба. Ја чуствувам околу мене и прв пат во животот морам да признам дека постои. Секогаш се тешев и си велев - не, не се лоши луѓето! Ама луѓето... а има луѓе-нелуѓе... И тие не можат да ти го простат успехот, харизмата, насмевката со која зрачиш... Многу ми е жал што толку црнила носат во душите... Не ти тежи црнилото. бре пријателе? Толку за лошотијата. Нека пропадне споменот за неа на дното на морињата, а јас, јас одам во пресрет на соцето и посакувањата. Да видиме кој е поербап?! |