Почетна --> Архива --> 168 --> ТОМЕ НА НАСЛОВНА ОД ROLLING STONE
ТОМЕ НА НАСЛОВНА ОД ROLLING STONE
Автор: Јордан Николов   

Јордан НиколовПриказна за млад лик кој вози трактор, музички фактор што најверодостојно ја отсликува кризата во електронската музичка форма директно поврзана со цената на нафтата ergo и музичката индустрија... и автор на „Симфонија за три трактори едно празно шише“.

 

Томе си е златно дете. Не, сериозно! Не го велам тоа со потсмев или надмено. Има 19 години и е од едно неготинско село. Си има трактор кој е на татко му, ама двајцата го користат за обработка на земја. Со него прв пат се сретнав (официјално после еден негов многу успешен концерт во Скопје кога му правев интервју), а инаку од гледање ми беше познат од бензиската пумпа Црна Река каде е општо познато дека шоферите од Транскоп прават 10 минутна пауза за кафе. Не сум јас нешто особено надарен во смисол да паметам лица и ситуации, а особено не потоа тие истите некако асоцијативно да ги поврзам во ментала слика - туку баш спротивното: Сега гледам и после 3 секунди заборавам! Ама - Томе се разликуваше од другите од многу проста причина дека вози трактор, а таа машина за мене е толку специфична што секој кој ја вози го запаметувам... кизнај оти!

Така значи, Томе се имаше врежано кај мене во меморијата како млад лик кој вози трактор. Токму затоа и беше толкав голем и пријатен шок за мене кога дознав каква успешна кариера има започнато. Кариерата му е од музички карактер и еве, како од обработувач на земја во Неготинско,  Томе стигна до насловна страна на еден од највлијателните музички магазини во светот - Rolling Stone:

Човекот секој Божји ден си го возел тракторот и нормално си полнел нафта на бензиската пумпа Црна Река каде ги гледал студентите кои одат или се враќаат од Скопје, и тука десеттина минути пијат кафе и продолжуваат по патот. Доста од нив разговараат за денс журките кои ги посетуваат во Скопје и за музичките стилови во електронската музика и така... тој наслушна дел од еден диџејски сет кој еден студент го снимил со мобилнот и сега му го пушташе на другар му да го слушни продуцентското и диџејско мајсторството на артистот тој и тој дојден од џенемите. Томе слуша 20 секунди, минута, две, три, пет! Пумпаџијата му вика: „Дечко готово е ало! Полн ти е резервоарот, тргни се има и други луѓе, ало!!“, ама Јонче стои и хипнотизиран слуша. По некое време почнува да се смее, се качува на тракторот и заминува. После ми раскажуваше дека отишол дома, ги извлекол од гаражата двата стари модели на трактори кои веќе не ги користат и сите три ги стартувал симултано. Ефектот бил токму онаков каков што се надевал дека ќе биде! Немало никаква разлика меѓу звучната слика која овие три трактори ја произвеле и она што го слушнал од мобилниот телефон на студентот. Звукот во зависност од одот на машината го модулирал (дали е во лер, или и додава туража – таа различно звучи) и со трите трактори толку се заиграл што ја потрошил сета нафта и на крајот (како казна од татко му) морал пеш да оди до бенѕиска да тура нафта во кофи за две недели! За казна! Арно ама тоа не го поколебало Томе во намерата до дознае повеќе за оваа „тракторска“ музика (како што си ја нарекува тој) и да го покаже својот талент пред белиот свет. Одел во интернет-кафеа во Неготино секој ден и на помодарните тинејџери кои со потсмев го гледале, им барал помош да го упатат на интернет страници за популарна електронска музика. После кузнај колку „прочешлани“ издавачки куќи и интернет форуми еден братучед од Германија (кој уште со време си заминал од МК) го спојува со некаков прмотер од Берлин кој бил тотално посветен на изнаоѓање музички таленти од егзотични места во Европа (што Македонија за нив со сигурност е!)

Човекот допатувал во Неготинско и откако се вљубил во жолтата ракија на татко му и веќе поштено поднапиен отишол во гаражата каде Томе безрезервно го исполнил делото насловено: „Симфонија за три трактори едно празно шише“ скокајќи од еден трактор до друг до трет! Фродрих (така се вика ликот од Берлин – како инаку, а!?), фрапиран седел и ќутел 10 минути откако завршил Томе. Томе и татко му се уплашиле да не му се случи нешто на чоеко од жолтата и зеле да му маваат шлаканици и да викаат по домаќинката по едно тродупло турско без шеќер,  ама тогаш Фридрих рипнал и почнал да го гушка Томета (што е општо познато како недозволено однесување во Германија) и на лош англиски некако успеале на врат на нос да се договорат Томе наш да мани до Берлин на еден концерт. Таму Јонче добил 7 трактори кои отсекогаш сакал да слушни како звучат и 7 „техничари“ кои на негово диригирање додавале или одземале гас на машините. Овој концерт до ден-денес во underground музичките кругови важи како ремек дело и можи на иинтернет да се најдат илегални и аматерски снимки од концертот.

Другото е веќе историја: Европска (и особено успешна скандинавска) турнеја; едно ексклузивно гостување во Њујорк и насловна страница во Rolling Stone со напис од еден од највлијателните музички критичари кој стилот на Томе го окарактеризирал како „минималистички барел бисер, кој како критички музички фактор најверодостојно ја отсликува кризата во електронската музичка форма директно поврзана со цената на нафтата ergo и музичката индустрија“ – да го цитираме Пол Џонс, а Јапонија, натаму, едвај чека на потврда за турнеја во 2009. Кина има намера да произведе ограничена серија трактори по потпис на Томе.

Што да ви кажам друго? Славата воопшто не го има изменето Томе. Истиот оној синокос дечко кој го гледав на бензиска како полни нафта, сега седнат спроти мене со кафенце в рака најобично и со смеење ми раскажува како во цел Њујорк не можел да најди еден најобичен дел за тракотор на татко му. Златно дете, нема шо.

Ме интересира дали и после овој текст некој ќе ме праша дали сè за што пишувам навистина се случува.

 
 
Среќни Празници!

На своите верни читатели, весникот „ЕГО“ им ги честита Новогодишните и Божиќните празници.

Постара Архива

ГП Пелистер

Карпатија

Зк Пелагонија

Водовод

Макошпед

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски