|
Две деца седат на една маса. На масата има еден портокал. Двете деца сакаат да го имаат портокалот за себе. Што ќе се случи? Еден норвешки психолог-конфликтолог, на ова прашање изнајде шеснаесет алтернативи. Поделбата на портокалот знае да биде голем проблем, и тоа не само во оваа ситуација. Има голем број моменти во нашето секојдневие од кои многу лесно настануваат конфликтите. Погрешно паркирање на автомобилот, мало задоцнување на работа, метеж во сообраќајот и сл. се само дел од ситуациите кои лесно преминуваат во отворен конфликт (од мал размер се разбира). Меѓутоа, што со конфликтите од големи размери. Што со конфликтите во кои војната се вметнува како неизбежен момент? За жал, сведоци сме дека таквите конфликти (од голем размер) постојат и секојдневно одземаат илјадници човечки животи.
Со развојот на големите конфликти се појавила потреба од нивно брзо и ефикасно решавање со што е можно помал број на загуби. Така и настанува една специфична наука – Конфликтологија, која во себе обединува микс од повеќе научни дисциплини меѓу кои и психологијата и дипломатијата. Конфликтолозите имаат за цел да овозможат решавање т.е. завршница на конфликтот, инсистирајќи на тоа да двете страни да бидат еднакви при донесувањето на конечното решение. И во пактот на ООН стои дека сите членки треба да ги решаваат своите недоразбирања со мировни средства. Она што се почесто се случува и станува загрижувачко за конфликтолозите е незадоволството на конфронтираните страни од решенијата кои што се носат за прекинување на конфликтот. Имено, речиси неизбежно е една од страните да се чуствува оштетена од решението кое што е донесено, а за жал, проблемот е уште поголем кога и сите конфронтирани страни се чуствуваат оштетени од решението. Тоа е така затоа што со решенијата кои што се донесуваат, ниедна страна во целост не го добива она што го посакувала и имала намера да го добие кога одлучила да стапи во конфликт со другите конфронтирани страни. Така, со самата желба за добивање на она што го посакуваат, учесниците во конфликтот отвараат една „спирала на конфликти“, каде првиот предизвик со себе повлекува реакција од другата страна која со себе повлекува пожесток одговор на реакцијата, која со себе повлекува уште посилен одговор и така се создава таа конфликтна спирала која тешко се запира во нејзиното одмотување. Единствено, запирањето на спиралата се случува во моментот кога двете страни ќе се согласат и ќе бидат задовони со решението донесено од конфликтолозите (или преговарачите во спорот). За жал, ваквите ситуации во минатото, а и денес се речиси неостварени. Голем проблем претставува носењето одлука која ќе ги задоволи во целост страните инволвирани во конфликтот бидејќи тоа е речиси невозможно. Но, секогаш постои едно но. Денес, се почесто конфликтолозите се ориентираат кон креативни решенија кои ќе овозможат страните инволвирани во конфликтот да бидат задоволни од донесеното решение со што ќе се запре одмотувањето на спиралата на конфликти. Ако се навратиме на примерот од почетокот на текстот каде имаме еден конфликт од мали размери, во кој се инволвирани две страни кои сакаат да поделат еден портокал, навидум решението изгледа едноставно: ќе го поделиме портокалот. Меѓутоа дали и двете страни ќе бидат во целост задоволени од решението. Се разбира дека не! Зошто да добијам половинка од портокал кога би можел да имам цел портокал нели!? Токму, ваквите ситуации ги натераа конфликтолозите да се преорјентираат кон креативни решенија кои ќе помогнат во задоволувањето на двете страни. Со спроведување на дијалог, во случајот со портокалот, ќе се дојде до едно решение каде семките од портокалот ќе се употребат за култивирање на едно или повеќе дрвца портокал, кои ќе бидат во сопственост на двете деца, така што без проблем ќе можат да добиваат многу повеќе портокали. Според тоа, конфликтните ситуации (без разлика дали се од мал или од голем размер), не треба да ги гледаме како ситуации „победа - пораз“. Со носењето на креативни решенија многу лесно може да стигнеме до ситуација „победа – победа“, ситуација во која и двете страни ќе имаат корист од донесеното решение. Се разбира за тоа не е потребно ништо друго сем волја, трпение и се разбира креативност. |