|
Процентите на новата Јалта се уште не се обелоденети, иако во пракса функционираат. Кога во 1989 на брод покрај Малта се сретнаа тогашните претседатели на САД и СССР, Џорџ Буш постариот и Михаил Горбачов, аналитичарите средбата ја оценија како нова Јалта, но никој не се осмелуваше да каже ништо повеќе од фразата дека со таа средба беше означен крајот на Студената војна. Независноста на Косово и окупацијата на дел од Грузија од страна на Русија, јасно го покажуваат она што тогаш само кулоарски се шушкаше: Дека се случи Малта како нова Јалта те. беше направена нова поделба на сферите на влијание во светот. Како резултат на тоа, во годините што следеа се случи распаѓањето на СССР, Југославија, Чехословачка.... но и независонста на Косово, опстојувањето на независна Република Македонија, војната во Грузија... Оставањето на цедило на Србија од страна на Русија, во случајот со Косово, некои го толкуваа како момент на слабост на руската мечка. Меѓутоа, станува се појасно дека се работи за договор меѓу големите, во кој Косово е во сферата на влијание на САД. Ист е случајот со Грузија: САД само декларативно побараа Русија да се повлече од териториите шти ги окупираше, но засега ништо повеќе не направија. Ниту пак ќе направат во догледно време, зашто Грузија, според договорот на Малта, е во руската сфера на влијание. Анализата на случувањата во последните петнаесеттина години, покажуваат дека земјите на Балканот под Сава и Дунав генерално, кои повеќе, кои помалку, се во сферата на западно влијание, но со различни проценти. Единствено во Србија е задржан односот фифти-фифти (50:50) исто онака како што беше поделена СФР Југославија на конференцијата во Јалта 1944. Влијанието на САД во Македонија и Косово натежнува многукратно над процентите од руското влијание, додека пак во Грција имаме обратен тренд: Додека на Јалта беше договорено 90:10, сега тој сооднос, заради врските по црковна линија и дисперзијата на руската мафија во Грција, е намален на 80:20 (сепак во корист на Западот) но во тој процент на интерес голема улога има Западна Европа наспроти САД. Македонија во огромен процент е во сферата на влијание на САД и оттаму се заложбите на Американците за наше вклучување во НАТО и застапување на нашите аргументи во односите со Грција. Заради тоа што територијата на Република Македонија добива во тежина во геополитички смисол, Грција се обидува да го минира нашето интегрирање во западните структури. Меѓутоа, Македонија се наоѓа на трасата на тн. Лак на криза кој почнува од северна Албанија и Косово, па преку Македонија, Бугарија, Турција... завршува во Авганистан. Лакот на криза едновремено е и пат на нафтата и пат на дрогата, исто толку значаен колку и во времето на Александар Македонски кога беше востановен Патот на свилата. САД нема лесно да се откаже од доминација врз толку значаен геополитички простор. Тоа го знае и Русија, па затоа Лукоил само срамежливо е присутен кај нас, исто како што не заобиколуваат рускте гасоводи. За да може овој коридор целосно да функционира, на Република Македонија и е потребно пристаниште, така што оние карти за обединета Македонија што некои европарламентарци (барем така се претставуваа) ги покажуваа при средбите со македонсите политичари (во раните деведести од минатиот век) сега добиваат поинаква смисла. Аналитичарите на Грција тоа мошне добро го знаат и затоа ќе прибегнат кон меката варијанта - оддолговлекување на процесот на обединување на Македонија и обединување само во културна и економска смисла, со обид за задржување на доминантната позиција во стратешки важните гранки - поморскиот сообраќај, пристанишните складишта и банкарството. Потенцијален сојузник во одгрчувањето на Солун е Израел за кого тој е градот во кои живееше најголемата еврејска популација на Балканотг до Втората светска војна. Солун им одговара како центар со одлична логистика за нивната традиционална стопанска гранка, трговијата и конечно, Солун би бил евентуално прибежиште од можно стампедо на Арапите врз Израел. Случувањата во Србија покажуваат дека дисбаланост на договорената фифти-фифти шема што го направи режимот на Милошевиќ е поправен, така што моментната ситуација е само попатна станица на трасата кон нова поделба на влијанието во корист на САД. Кафказот, вклучувајќи ја и Грузија како и другите бивши советски републики во Азија, остануваат во сферата на руското влијание. До новата Јалта-Малта останува уште многу вода од Вардар да истече до Солун. Западните геополитичари од типот на Бжежински, Кисинџер, Кенан и др. проценуваат дека светот се движи кон униполарност, во кој ќе доминираат САД. Од друга страна, реалноста покажува демографски движења во САД и Западна Европа кои по триесеттина години ќе дадат нова слика на населението во нив, при што ќе доминираат Мексиканци и други латино и афро-американци во САД и муслимани од Блискиот Исток во Европа. Исто така, (не)предвидлив фактор се Индија и особено Кина, кои допрва ќе ги пројават нивните геополитички интереси.
|