Љупчо Петровски, филмски аматер, документарист
Љупчо Петровски е автор на 18 аматерски документарни краткометражни филмови. Добитник на награди и признанија.Син на уметник, сликар. Зет на музичар. Татко на млад виолинист.
Автор сте на 18 аматерски документарни филмови за кои имате добиено награди и признанија. Во овие 18 е и циклусот од 8 филмови за Мариово. Зошто Мариово како тема? Поттикот или размислувањето за Мариово ми дојде кога ја видов темата на конкурсот за учество на Фестивалот за документарни филмови ЖИСЕЛ кој се одржува во Мољица, Србија. Темата беше "Животот на селата" . Тоа практично беше почеток на циклусот филмови кои ќе се работат во догледно време. Значи, ова што сега го имам сработено за Мариово е прв дел, а размислувам за уште два проекта кои ќе ги снимам повторно во Битолско, односно во Потпелистерието и во Демирхисарско. Мариово како една целина која изумира и ризница во бескрајот, како што е насловен и овој прв циклус филмови, нуди премногу материјали и убавини кои чекаат да бидат откриени за луѓето да уживаат во нив. Снимајќи ги филмовите низ Мариово сигурно се сретнавте со многу интересни работи кои сега преку филмовите можете да им ги пренесете на останатите кои немале прилика да одат таму. Да. На почетокот на извесен начин беше тешка работата со луѓето кои живеат во мариовските села. Беа многу затворени за разговор, а можам и да ги сфатам зошто беа такви. Низ минатото биле лажени, заплашувани, останале во некој свој круг на живеење. Но ете, успеав да воспоставам контакт со нив, да ги придобијам, да ми се отворат во разговорите, па така слушнав многу работи кои мене ми беа интересни. Сега ги имам како архивирани моменти кои нема да се повторат. Жално е што Марово умира, а со него и луѓето кои ги чуваат спомените за него. Вие сте комплетен автор на филмовите. Вие сте и сценарист и снимател и монтажер и режисер. Во овие услови кога немаме финансиски подрржани проекти мораме да се трудиме нашите замисли сами ги остваруваме во целост. Со филм се занимавам веќе пет години. На почеток се обидував да направам некои експериментални едноминутни филмови и таму имав некои успеси. Но како најкомплетен, најцелосен се гледам во категоријата краткометражен документарен филм, кој по должина обично е 15 минутен. Тука можам директно да ги кажам моите размислувања и моите идеи да ги остварам преку видео-материјалот. Врзано за она што значи филмови од Мариово, можат да се забележат многу интересни наслови: Тамар Мара, Нашето сегашно минато, Споменици од минатото, Мој докторе, Пелагон кај Бонче, Белези, Последниот натпревар на ФК "Бранко Димов" и филмот за Ристе поштарот. Насловите кријат дел од самиот филм и даваат поттик за едно поинакво размислување за филмот откако ќе се види. Сите филмови се куси, отприлика по 10 минути. Но - сите се комплексни, набиени, за да можат гледачите да видат што поголем дел од Мариво за кусо време. Два филма се со историска тематика, едниот како Мариово го добило името, а другиот за античка Македонија. Во останатите шест филмови се зборува за сегашниот живот во Мариово. Малку е болно за гледање, но тоа е нашата реалност. Од друга страна пак, има и весели моменти. Филм кој го третира минатото е "Тамар Мара" снимен по предание како Мариово го добило името. Што откривте снимајќи го? Филмот е снимен во Витолиште, во центарот на прилепскиот дел од Мариово, а работен е по сценарио правено од книга. Легендата вели дека во Мариово живеела принцеза која се викала Тамара, која тука си направила велелепна палата и го изградила преубавиот Чебренски манастир. Но треба да напоменам дека и без тоа, Витолиште како населено место е преубаво. Во филмот ќе се забележат многу интересни моменти за него, иако сметам дека сепак најголемо внимание привлекуваат куќите кои се во распаѓање. Куќите во распаѓање зборуваат за нашето минато. Но, она што значи наша сегашност се веројатно се филмовите "Мој докторе" и "Ристе поштарот". Да. Тие, докторот и поштарот се, да не бидам јас тој што ќе рече, последните редовни посетители на луѓето од Мариово. Докторот е крајно пожртвуван и се посветил целиот на тие луѓе. Тој двапати неделно оди низ мариовските села и им ја дава својата помош на оние што таму останале. Тие се релативно здрави луѓе во години, но сепак, им треба некој кој ќе покаже грижа за нив, кој ќе им даде совет, надеж. Ристе Поштарот пак по потекло е од Градешница. Редовно си ја врши работата бидејќи има околу 70-80 кои редовно од него ја чекаат својата пензија. Филмовите ги виделе сепак само мал број на луѓе. Се планира ли некоја поголема презентација? Дел од овие филмови веќе беа прикажани. Шест беа прикажани во април во Кичево, на Државниот фестивал на документарен аматерски филм. За филмот "Споменици од минатото" таму добив две златни награди - за сценарио и за монтажа, а ја освоив и гран-при наградата на Фестивалот. Филмот го испратив и на Интернационалниот фестивал на аматерски филмови УНИКА кој се одржуваше во Тунис. По мое барање, а со помош на Советот на Општина Битола, Народна техника и Кино-студио, Клубот "Манаки" од нашиот град, ќе се направи негова кино-проекција, затоа што тоа е и еден од условите на Конкурсот. Проекцијата ќе биде во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола и во продолжение на Интернационалниот фестивал на аматерскиот документарен филм "Камера 300". Тогаш ќе се прикаже целиот циклус филмови посветени на Мариово . За да снимат сите овие филмови сигурно требаше повеќе време да престојувате во Мариово. Што најповеќе ви остана во сеќавање од престојот таму? Сите места кои се снимени се 50 до 60 километри оддалечени од Битола. Условите не ми дозволуваа да останувам повеќе од еден ден за снимање. Значи одев, снимав и се враќав. Интересно е дека секогаш одев по истиот пат, но секогаш тој беше поинаков. Поинакви беа утрата, боите на природата, на небото. Филмот "Споменици од минатото" за кој ги имате добиено наградите, е посветен на куќите во Мариово кои останале како споменици од некое друго време. Има малку луѓе кои останале да живеат таму, а куќите се неми сведоци за она што поминало . Токму така. Филмот го снимав во октомври минатата година во селото Будимирци, кое се наоѓа на 15 километри од Старавина. Тогаш во него имаше уште 15 жители, а мој соговорник е Трајко Романовски. Во Будимирци куќите се со горски тип на градба, архитектура, која може да се сретне само во Мариово. Изградени се на една карпа. Таму ги правеле заради стоката која преку ден ја напасувале по падините, а навечер ја враќале во куќите на карпата. Шталите биле во долниот дел од куќите, а луѓето живееле на спратот. Така, стоката била веднаш до стопаните, а истовремено така ги топлеле домовите. Во најголем дел куќите се зачувани цели, но сега се празни. Интересно е и тоа дека во сите села во Мариово иако има малку луѓе, има многу цркви кои уште се активни и во нив се врши верска служба. Кажуваат дека при одбележувањето на верските празници по црквите и манастирите во Мариово има многу поранешни жители кои одат да го посетат родниот крај. Има, иако оддалеченоста од Битола не е ни голема, ни мала. Реков 50-60 километри. Ако некој сака да се вози со својот автомобил кон тој крај, треба да знае дека патот завршува кај Рапеш. Потоа патот преку Црна Река до селата не е проодлив, особено во зима. Со чакал е, за разлика од прилепскиот дел каде е асфалтен. Дали патот ќе се поправа сега со чебренската брана или ќе го снема тој дел од патот, па ќе има нешто ново што ќе придонесе за развојот на животот во Мариово, ќе видиме. Би било убаво да може да се посети таа здрава животна средина, незагадена. Може ли да размислуваме во насока дека по презентирањето на филмовите ќе се зголеми желбата кај битолчани за посета на Мариово? И самиот велите дека сме блиску, но далеку од него. Тука сме, но не сме го запознале. Сигурен сум дека ќе се зголеми желбата. Но желбите се едно, а реализациите се друго, барем кај нас. Ако има пат, ќе има и посета. За прилепско Мариово има асфалтен пат и во селата во тој дел, иако се помалку има околу 470 жители. Во битолскиот дел од Мариово пак, има само 160 луѓе. Причина за тоа сигурно е поврзаноста со градот. Инаку, оваа еколошки здрава, незагадена средина, има посебна клима со исклучително чист воздух. Би било убаво ако се создадат можности да може често да се посетува. Со вашите филмови пренесувате и зачувувате едно минато и сегашност. Врзано за минатото, на филмската лента се пренесени и кажувањата на старите, песни, приказни кои сигурно не сме ги ни слушнале. Да. На почеток ми беше тешко да ги натерам да кажуваат. Но со време, кога се запознавме, сретнав многу интересни луѓе кои ми кажаа приказни, преданија, песни кои ете сега се забележани на видео лентата, а ќе бидат и на ДВД. Со нив се докажува нашето постоење, нашата култура, живеење во тие предели и воопшто во Македонија. Песните кои ми ги пееја докажуваат дека на овие простори немало граници, дека тука живеел еден народ, со еден јазик. Оделе подеднакво и во Костур, Лерин, Солун, и во Прилеп, Битола, Кавадарци. Имало големо движење на луѓе и голема култура на живеење. Кога ја спомнав културата, неа ја носат подеднакво и учителите и црквите. Во Мариово има многу цркви, што докажува дека таму имало многу луѓе. Сега во Градешница има само седум цркви, меѓу кои и една од најстарите - "Св. Димитрија" која датира од 1600 година. Тука во градот не можеме да се сретнеме со такви монументални изданија, какви што можат да се сретнат во Мариово. Некако доаѓа дека Мариово живеело и пред Битола. Како културата да дошла од таму. Имате многу материјали за Мариово, што значи дека ќе има и други филмови во иднина за него? Самиот наслов на циклусот "Мариово - ризница во бескрајот" кажува дека не може и не смее тука да се заврши. Овие осум филмови се увод или предговор на она што може да следи понатаму. Ако може да се најде финансиска помош за поголемо и стручно снимање и опсервација на Мариово, сигурно ќе биде подобро. Селата што јас ги обработив во филмовите се навистина малку. Останаа негибнати Зович, Груништа, Рапеш, Бешишта, Полчишта, Манастир, Крушеица и други кои исто така кријат интерсени приказни. Со дел од филмовите кажавме дека сте учествувале на фестивали. Продолжувате и понатаму со фестивалски презентации? Да. Во 2007 година на 17 Интернационален фестивал на аматерскиот филм "Камера 300" во Битола добив "Златна Камера 300" за филмот "Споменици од минатото" и годинава во Кичево, веќе кажав. Филмовите ќе одат на презентација и во Помољица на фестивалот ЖИСЕЛ. Потоа на КРАФ во Ријека, Хрватска, ТОТИ во Марибор, Словенија и ако има можност и во други европски држави. Таму учеството е проблематично заради непризнавањето на нашето уставно име. Не си дозволуваме да не омаловажуваат. Подобро филмовите да не одат, да седат овде, отколку да ги најавуваат како филмови од ФИРОМ. Останува и понатаму Мариово како инспирација или ќе има и други теми? Како тема и натаму сигурно ќе останат селата, некако најдобро ми легнаа. А веќе го почнав вториот циклус филмови за потпелистерските села. Снимањето филмови ви е хоби или? Па почна како хоби, но ако вака продолжи сигурно ќе биде нешто друго. Моето хоби е мое задоволство. Секое одење во Мариово е уживање и ми недостига кога подолго време не одам во тие краишта. Можам да речам дека сум зависник од Мариово. Битолчани можат да ве видат и во Пицеријата "Де Ниро" на Вашето работно место. Секојдневно сум таму. Секојдневно ги послужувам, разговарам со нив и многумина знаат за мојата "друга" работа. Ја ценат и ми даваат поддршка, но и идеи за нови остварувања. Ми отвараат нови видици. Дали имавте можност на луѓето кои се на вашите филмови да им го прикажете снимениот материјал. Дел од жителите во Градешница го видоа. Но, сите ќе бидат поканети на официјалната презентација која ќе биде во првата седмица од ноември годинава. Така ќе можат да се видат и на големото платно. |