Почетна --> Архива --> 167 --> ЛОВЕЦ НА ТАБИЕТИ
ЛОВЕЦ НА ТАБИЕТИ
Автор: ЕГО Редакција   
Илија Узуновски

 

 

Илиа Узуновски, фотограф


 Фото-изложба наречена "Битолски икони" неодамна беше поставена во битолската Магаза. Автор на Иконите е Илиа Узуноски, битолчанец кој живее во Австралија. Во неговата нова татковина, Австралија, Узуноски е докажан фотограф и е добитник на повеќе награди и признанија. Излагал освен во Австралија, и во Кина, Русија. Узуноски за ЕГО зборува за неговата фотографска работа и за Битола како инспирација.

 

Од кога започна да се занимаваш со фотографија?

Отсекогаш имав љубов кон креативноста. Како студент многу цртав... па и портрети на колегите, сликав пејсажи, а понекогаш и фотографирав, според можностите. Се сеќавам како дете на црно-белите фотографии рачно им ставав боја, за да бидат "во боја". Не би можел директно да одговорам на прашањето "кој ме поттикна" да се занимавам со форграфија. Мислам дека тоа беше нешто во мене, односно потикнувањето настана одвнатре. Не се сеќавам дека некој друг, од надвор ме потикнал, освен сопствената љубов и се разбира ако вината за потикнувањето не ја фрлам врз апаратот "Смена 8" кој брат ми ми го купи кога беше на една екскурзија во Чешка. Но тогаш немав можности да имам комплетна опрема освен фото-апарат. Немав некој посебен идол во раните години, но се восхитував на добра фотографија без разлика од кого беше направена. Во подоцнежните години сум се восхитувал на неколку фотографи од различни области на фотографијата. Од битолчаните-фотографи, би ги  издвоил Саку и Ицко Христов.

Кога ја напушти Битола?

Од Битола заминав пред распаѓањето на Југославија, во 1988. Инаку живеев како беќар на Смилевски Баир, а откако се оженив, во Влашко Маало позади Саато, на "Јорго Османо".

Што ти остана во трајно сеќавање од Битола?

Уште кога бев на петнаесетина години бевме едно хомогено друштво, а останавме и до ден денес исто така хомогено, после толку години... а бевме јас, Ице Димитровски - Дебелио, сега се занимава со ситна трговија со едно дуќанче на ул. "Кичевска" под Аргирица, потоа Виктор Јанковски - Тољата, сега специјалист по урологија и професор на Високата медицинска школа во Битола, Киро Китановски - Докторо, дипл. машин. инж. сега работи во Рек-Битола, па Драги Михајловски - Писмото, сега доктор на науки, професор на Филолошкиот факултет во Скопје на Катедрата по англиски јазик и познат писател, потоа Владимир Михајловски - Диката, доктор по педагогија и професор на Штипскиот и на Славјанскиот универзитет, Кире Стефановски, дипл. машин. инж. сега газда на "Енигма"...

 

Битола е многу поразлична от тоа време. Ако не друго, тогаш во однос на она што беше мода во облекување, фризури, однесување...

Фатив неколку различни модни периоди... Кога бев тинејџер го фатив златниот период или познат како Ренесанса на 20 век, кога се се разбуди и "пупките не можеа да издржат и расцветаа", а тогаш беше модерно да се биде Шизик, па револуција беше Мини-модата - тесни залепени панталони од глуждови па до горе, што пониски во кутелот, долги коси и кратки зимски палта (некој сантиметар подолги од џакетите) и обавезно свирење на гитара, тоа за машките, а мини-сукњи, стегнати (полуразголен) горен дел (маица или кошула) за женските, а за зима исто кратки (мини) палта. Другиот моден период кој владееше додека бев средношколец беше Макси-модата, а се носеа широки панталони така наречени Траперки, како ѕвоно од петиците до коленото (што пошироки-толку помодерни) а над коленото тесни и долги палта до глуждови, претежно црни со црвена постава. Исто и женските - долги (макси) сукњи до глуждови, долги палта исто до глуждови. После тој период, дојде претежно едноставна спортска облека, фармерки, маичка или кошула и се така до денеска.

Илија УзуновскиТрагаш ли по таа Битола која некогаш ја остави зад себе, или нешто друго те инспирира во неа?

Битола има некоја чудесна да не речам магична моќ која зрачи и те мами, привлекува со добрина, со топлина, со нежност, нешто слични особини како што има мајката. Тие особини и ден денес ги чувствувам во секој дел од Битола, во секое сокаче, во секој чикмак, секој камен пред порта (особено оние што останале на истото место од порано и се таму и ден-денес), секој џбун, сето тоа ми е останато во сеќавање и никогаш нема, а и не сакам да се ослободам од тоа. Се сеќавам и секогаш се прашувам каква магична моќ имаше Татарот!? Не може да помине човек покрај него, а да не застане и не влезе во тремот каде беа излозени рекламите од претставите, за да го види распоредот на претставите и пак кога ќе се враќа, пак ќе влезе. Дали тоа беше архитектонското решение на објектот заедно со околината, или нешто друго? Не знам. Позади театарот беа велелепните згради со раскошна архитектура, со камени столбови, со разиграни фасади кои некогаш биле конзулати на богатите западни држави, а во една беше сместен Пионерскиот дом каде одев да учам гитара.

Изложбата беше наречена "Битолски икони". Претпоставувам дека одбра личности кои на Битола и дале посебен белег, тон и ритам на живеењето овде.

Па на накој начин, да. Еве, времето врви, работите се менуваат, ново време - нови луѓе, нови згради, па на некој начин сакав да направам пресек на дел од времето, на одреден период од животот на Битола и да ги документирам луѓето во даден временски интервал што дадоа или оставија белег на животот на Битола. Без нив Битола не би била она што е во период од четириесетина-пеесет години па до денес. Дали би можела Битола да се замисли во овој период без една Маријанти, без Мате Шунда, Петар Ставрев, Тоде Ивановски, Јанко Казанџијата, Панде Манојлов, Димитар - Такец, Љубо Трифуновски, Димитар Кочовски Мичо, Петар Мирчевски... без сите други што беа застапени во поставката? Може не беа сите опфатени, но тоа е како жив организам и проектот ќе се надополнува со текот на времето, со нови "икони". Ново време - нови икони. Само за четири години од како го почнав проектот веќе пет "икони" не го дочекаа денот да се видат на изложбата, не се меѓу нас живите. Ете,  заради сите тие емоции во мене кон Битола, сакав на некој начин да се оддолжам кон градот што ми даде толку милост и топлина, односно да се заблагодарам и ги овековечам луѓето кои Битола ги дала, а тие на некој свој оригинален и за секој од нив својствен начин и вратиле назад.

Како поинаку би се нарекле овие луѓе освем "икони". Всушност тие се вистински "Битолски икони", што таа ги изгледала, им ја дала таа нежност и топлина, а пак тие со својата дејност, со својата оригиналност се издвоиле од другите и со таа нивна оригиналност станале препознатливи за овај период. Тие се толку препознатливи и дадоа неизбришлив белег како на градот така и на начинот на живот во градот.

 

Илија УзуновскиИложбата беше посетена од многумина.

Во време на зголемена динамика на животот, изменети услови и навики, кога  блискоста и заедништвото меѓу луѓето се губат и во време кога на материјалното му се дава поголема важност отколку на поединецот, мислам изложбата дојде во вистински момент - луѓето се соберат на едно место, да се растоварат од секојдневните проблеми, да заборават за момент на се и да се концентрираат на самиот чин на изложбата. Мислам дека тоа битолчани го почувствваа и изложбата ги привлече како магнет! Оние кои не ме знаеја лично, дојдоа да видат кој е и што овој "Австралијанец" кој сега излага и кои се тие "икони". Оние пак кои ме познаваа, дојдоа да видат дали сум напредувал во уметнички смисол на зборот, дали има некои промени во стилот од претходната изложба во 2004 год. под име "Македонска уметност во Сиднеј преку портрети". Заедничко и за двете категории на посетители на отварањето беше да видат кои се тие луѓе карактеризирани од мене како "Битолски икони" и колку јас сум успеал во тоа. Така, ако се цени по посетеноста на денот на отворањето, а и после додека поставката беше изложена, можам да кажам дека одзивот беше многу голем, дури и над очекувањата на организаторот. Според  комплиментите што ги добивав од присутните (познати и непознати) сите се изразуваа со пофални зборови за изборот на луѓето, за начинот на кој се презентирани и ми честитаа за идејата што сум ја реализирал. Во Книгата за впечатоци, може да се прочитаат само пофалби за мојата работа, за идејата, за изборот на "иконите". Во книгата имаше и по два-три коментари од иста личност, запишани во различно време, што значи дека некои ја посетуваа и по неколку пати! Дури и вработените во Галеријата ми ги пренесуваа впечатоците кои тие ги стекнаа во разговор со посетители дека неверојатен интерес и восхит се чувствувал кај секој посетител (барем така ми пренесуваа тие). Од сите овие податоци можам да заклучам дека прифатеноста од страна на битолчани беше на завидно ниво со достоинство, гордост и нескриен восхит.

 

Колку врз тебе како фотограф-уметник влијалеа Битола, односно твоето доживување на градот и жителите?

Битола е голема и неисцрпна инспирација. Секој уметник е препознатлив и е различен од другите по сопствениот стил, а сопствениот стил, тоа е самиот уметник. Стилот пак доаѓа и е поврзан како со свеста така и со потсвеста и е комбинација од двете. Значи, се она што те опкружувало и ти се случувало во целокупниот живот, за кое во најголем случај и не сме свесни, го гради стилот на поединецот, односно начинот на изразување. Така, бидејки Битола е најубавиот дел од мојот живот, јасно дека е и инспирација за мене свесно или несвесно.

 

Каков метод применуваш кога работиш фото-портрет? Го проучуваш ли ликот или личноста?

Во последниве неколку години многу работам портрети на личности кои на некој начин се познати во својата околина по дејноста што ја обавуваат. По "Македонска уметност во Сиднеј преку портрети" на која беа портретирани околу 45 македонски уметници кои творат на овие простори, од различни дејности: ликовни уметници, скулптори, музичари, поети, писатели, глумци и тн. го работев проектот "Australian TV in Portraits" и портретирав познати личности од телевизијата исто глумци, режисери, водители и тн. Вкупно околу стотина портрети. Сега ги правам завршните подготовки за наредната изложба во Сиднеј која е закажана за 20 август 2008 во Sydney Conservatorium of Music под име "Sound of Sydney in Portraits" на која ќе бидат изложени околу сто портрети на врвни австралиски музичари, композитори, диригенти, оперски пејачи, инструменталисти и тн.  Инаку, Мојот начин на работа е следниов: Прво воспоставувам контакт со лицето (често по е-маил или тел. ) ја образложувам идејата на проект што го работам, и доколку се согласи да биде дел од проектот, закажуваме еден состанок да се запознаеме и лично, да продискутираме, за да запознаеме  подобро, а тоа е од двоен интерест, Јас да добијам идеја како да го портретирам, а тој или таа кога ќе ми позира да се чувствува слободен пред камерата, а не како да е на забар. Потоа закажуваме време кога и каде ќе биди направен портретот, на самиот ден му ја кажувам идејата и така тече мојот начин на работа.

 

Претпочиташ ли работа во студио, или на терен?

Работам и во студио и на терен. Имам сопствено комерцијално студио со површина од 400 метри квадратни, опремено со опрема со која можам да завршам околу 80% од потребите на комерцијалната фотографија, а не можам во него да сликам микробиолошка фотографија, вселенска фотографија, подводна фотографија и големи предмети и машини како на пример камиони или шлепери. Додека за останатите видови на фотографија мислам сум спремен да ги завршам дали во студио или на друга локација.

 

Илија УзуновскиШто е со опремата? Ерата на дигиталци е во ек. Тоа подразбира голми инвестиции... или пак повеќе си жубител на старата аналогна филм-техника?

Времето си го носи своето. Дигиталната фотографија неминовно се наметнува  над конвенционалната, односно филмот. Дигиталната има многу предности над филмот, побрз е процесот од земање на фотографијата до негова реализација на визуелен имиџ, бара понеквалификувана снага во процесот до добивање на имиџ, не ја загадува околината, поефтин процес, а квалитетот не е полош но напротив и подобар за одредена фамилија на камери. Со други зборови филмот е веќе минато и би се користел во иднина само во некои креативни работи, ако уметникот сака да се изразува со филм, а не мислам за комерцијални цели. Јас не само што преферирам туку и од појавата на првите дигитални професионални камери немам сликано на филм, а тоа е негде последните десет години.  Меѓутоа, во литературата за уметничка фотографија а и за фотографијата воопшто, нигде-никаде не стои дека оваа слика е убава или значајна или сака да каже ова и ова, оти е направена со филан камера. Стои кој ја направил, што сака да каже и тн. додека камерата со која е направена ама ни најмалку не е битна. Се зависи од тоа кој стои позади камерата, неговото знаење, смислата да креира убава композиција, или да ја прфрли идејата од неговата глава до гледачот на најдобар можен начин така што гледачот да може чисто да ја разбере идејата или пораката што авторот сака да ја пренесе. И на предавањето што го имав додека бев во Битола во Славјанскиот Универзитет од областа на фотографијата баш нагласив и го потенцирав тоа дека - фотографијата ја прави фотографот а никако апаратот.  Дури им го кажав случајот со една колешка во Сиднеј која слика со таканарецена "pinhole" камера која е една обична картонска кутија, која на предната страна има дупка направена со игла, а назад стои филмот. Дупката е покриена со друг картон или со раката и кога сака да слика ќе ја тргне раката за одредено време додека трае експонирањето, потоа пак ја затвора дупката (која во случајот е бленда), ја става кутијата во светло-непропустлива вреќа или некоја друга кутија и оди да го развие филмот. Изложбите ги полни со посетители, а и многупродава.

 

Што најмногу те исполнува кога фотографираш?

Тоа е кога фотографирам луѓе и преку фотографијата успевам да го претставам нивниот карактер... оти секој од нас е со посебен карактер, табиет што би рекле битолчани и кога таа посебност е чисто изразена на фотографијата, тогаш сум задоволен! Сите лица ми се интересни, кога гледам некого мислам како би било најдобро да се фотографира, да може на портретот да се види она што не можеме да го видиме со очи, она што е внатре во него, да се прикаже неговата душа. Тоа ме исполнува - да го портретираш надворешно, а на гледачот да му ја откриеш внатрешноста на фотографираниот! Друго што не помалку ме исполнува е самиот процес кога фотографирам... на местото каде што работам и размислувам - од кој агол, со која експозиција, дали да оставам да се гледаат детали на одредено место или експозицијата треба да ја наместам така што не ќе бидат видливи детали на некој дел, а друг да биде во фокус... кога трошам многу време на композицијата пред да го притиснам копчето. Исто така кога сакам да пренесам некоја порака до гледачот, така да речам фотографија со смисла, па мислам со недели или месеци како таа порака најлесно би ја пренесол преку фотографијата,  како гледачот најлесно би ја сфатил пораката.

 

Прикажи други статии од истиот автор

 
Среќни Празници!

На своите верни читатели, весникот „ЕГО“ им ги честита Новогодишните и Божиќните празници.

Постара Архива

ГП Пелистер

Карпатија

Зк Пелагонија

Водовод

Макошпед

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски