|
Автор: М-р Марија Котевска - Димовска
|
|
Храброто и достоинствено однесување е идеал што секоја личност сака да го постигне кај себе, а исто така високо го вреднува кај другите. Но реалноста говори дека тоа е црта која е многу полесно да се посака отколку да се постигне. Често ни се случува да бидеме сведоци на нечие покорно и понизно однесување и кон истото приоѓаме со осуда или презир. Но, да не заборавиме дека и самите понекогаш се однесуваме на таков начин, иако можеби за себе ќе најдеме рационализации и олеснувања за таквото свое однесување. Како и да е, покорноста и послушноста се однесувања кои се состравен дел од нашето секојдневие. Со цел да ги разбереме, а потоа надминеме потребно е да се запознаеме со психолошката природа на овие феномени.
Тенденцијата за потчинување се огледа во однесување кое не е во склад со личните принципи, норми и убедувања како последица на стравот од одреден авторитет, институција или група и можни последици доколку се истрае на сопствените ставови. Некои автори сметаат дека во основата на спремноста за потчинување лежат вродени потреби. Други пак сметаат дека потчинувањето и послушноста е форма на прилагодување на условите во кои се живее. Ова гледиште е пошироко прифатено, а се објаснува со условите на живеење во подолг историски период. Станува збор за вид на однесување до кое дошло со долга навика. Низ долгите животни периоди со тешки услови во кои многу човекови потреби, па и опстанокот се обезбедувале со прифаќање на барањата на моќни авторитети, кај луѓето се формира тенденција на однесување која ја карактеризира покорност и послушност. Во досегашните услови на живот имало премногу присила за покорување, а премалку поттик за развој на потребите за слобода и независност и чувство на лична одговорност. Најдобро објаснување за потеклото на покорното однесување дал познатиот психолог Ерих Фром. Според него, покорноста е последица на неадекватно задоволување на социјалната потреба за заедништво. Потребата за здружување и поврзување со други човечки суштества е императивна потреба од чие задоволување зависи психофизичкото здравје. Оваа потреба се наоѓа во сите појави кои чинат цела скала на интимни односи и страсти. Има повеќе начини за задоволување на оваа потреба. Потчинувањето е една од нив. Тоа се случува кога човек може да се обиде да се изедначи со светот потчинувајќи и се на една личност, група или институција. На овој начин тој ја надминува осаменоста на својата индивидуална егзистенција станувајќи дел од некој или нешто што е поголема од него, доживувајќи го својот идентитет во поврзување со силата на која и се потчинува. Друг, сосем спротивен начин за надминување на одвоеноста е доминацијата. Таа е во спротивна насока од претходната. Човек може да се обедини со светот воспоставувајќи сила над него, претварајќи ги другите во дел од себе и надминувајќи ја својата индивидуална егзистенција со доминација. Заеднички елемент и за двата начини, потчинување и доминација, е што не се продуктивни начини на задоволување на потребата за единство. Ниту еден интензитет на потчинување или доминација не е доволен да произведе чувство на идентитет и единство. Личноста која е гонета од овие страсти постанува зависна од оние на кои им се потчинува или доминира, наместо да го развива сопственото индивидуално битие. Затоа наместо да го осудуваме ваквото однесување, потребно е да развиеме механизми за негово надминување. Како да се доближиме до вистинскиот начин на задоволување на потребата на заедништво и да ги надминеме или ублажиме овие погрешни и штетни формина однесување? Постои само еден продуктивен начин кој ја задоволува човечката потреба за соединување со светот а истовремено да се стекне чувство на интегритет и индивидуалност, тоа е љубовта. Се мисли на зрелата љубов што вклучува активен и пријателски однос кон другите луѓе, кон себе си и кон природата. Таа е продуктивниот начин на здружување, оти дозволува да се задржи интегритетот и слободата а сепак да се здружи соедини со другите луѓе. Колку повеќе се доближуваме до продуктивната љубов која вклучува грижа, одговорност, почитување и познавање на другите, толку потуѓи ќе ни бидат форми на однесување како покорувањето и доминацијата. |