Почетна --> Архива --> 167 --> ИНСПИРАТИВНИ СЕКСУАЛНИ ЗАКОНИ
ИНСПИРАТИВНИ СЕКСУАЛНИ ЗАКОНИ
Автор: Јордан Николов   

Јордан Николов   Не знам на колкумина од вас им се допаѓа творечкиот опус на Вуди Ален (човек кој толку често го споменувам - рекламирам што ако дознае и ако има малку образ би требало да ми прати колекција од своите филмови - гратис), ама следниот напис од дневниот печат неизбежно ме потсети на неговиот култен филм: „Сè што сте сакале да знаете за сексот, а не сте се осмелиле да прашате“ па морав да го споменам и да забележам дека доколку живеете во едно такво болно и дезориентирано општество какво што е (по мое скромно мислење) американското, воопшто не би ви било тешко да изнајдете инспирација за сценарија или книжевни творби. (Затоа тој имал еден куп куси раскази и уште поголем куп сценарија). Еве на што мислам:

 

Соединетите Американски Држави се земја на големите слободи, но и на најсмешните закони со кои се ограничува сексуалниот живот на нејзините граѓани. Законите ги проучиле и издвоиле вредните студенти по право и хонорарни соработници на „Колеџ тајмс“. Така тие откриле дека: оралниот секс е илегален во 18 држави, вклучувајќи ја и Аризона, во Вирџинија е забрането да имаш секс со запалени светла, мажите во Вилоудел, Орегон не смеат за време на половиот однос да и' зборуваат на партнерката валкани сексуални приказни, во Џорџија забрането е половото општење на невенчаните двојки, во престолнината Вашингтон се забранети сите сексуални пози освен мисионерската, во местото Конорсвил, Висконсин е забрането да пукате со пиштол кога вашата партнерка ќе доживее оргазам. Градските власти во Харисбург, Пенсилванија донеле закон со кој е забрането да имате секс со камионџија во кабината за алати, а во Флорида, пак, е забрането да имаш секс со боцкаво прасе. Според законодавците на Јута, не смееш да се ожениш со роднина од прво колено се' додека не наполните 65 години, а во државата Вашингтон е забранет секс со животно што тежи помалку од 20 килограми.

 

На читателите и ним својствената смисла за хумор им се остава да си состават сопствена топ-листа на најсмешни закони од наведените, а бидејќи оваа страница од ЕГО ја пишува ликот кој го гледате на сликата, еве ја неговата листа (со коментар-два за оние кои нему му се најдобри):

Убедливо на прво место ми е законот кој забранува да имате секс со животно кое тежи помалку од 20 килограми. Хм.... дали тоа подразбира дека е законски дозволено (или уште повеќе!) е законски стимулирано да имате секс со животни со тежина од 21 килограм и нагоре!? Ако поразмислам... дали воопшто во државата Вашингтон се имаат замарано да дефинираат што подразбираат под животни или во оваа кошница ги имаат ставено и анорексичните манекенки?

Државата Висконсин и нејзиниот град Конорсвил се на второто место затоа што тамошниот закон забранува да пукате од пиштол ако вашата партнерка доживее оргазам, ама јас насетувам одредени дупки во законот, како на пример: што ако ТАА пука? Или: дали смее да се пука со било што освен пиштол ако партнерката доживее оргазам? (Напомена за наши потенцијалните иселеници во таа држава: како што сме добро познати по ескивирање на законите во сите западни држави мислам дека овој закон ќе го смотате како ништо. Веќе замислувам евентуална расправија со спроведувачите на законот: „Шо бе чоек, таа пукаше!“ Или: „Не знам каква обука сте имале вие во полицијата ама истрелите кои ги слушнавте беа од Калашњиков а не од пиштол“... и ајде со здравје. Мачкина кашлица.)

Во Флорида малку ми се неинвентивни, да ви кажам право, и малку ми изгледа дека само го ископирале законот од Вашингтон; нема секс со бодликаво прасе! Во ред. Било да е до или над 20 килограми. „Јасно господине полицаец. А можи сега да нè оставите на раат со овчичката Доли? Благодарам и пријатно.“ Трето место.

Најболниот закон ми е оној од Јута кој забранува да стапат во брак со роднина од ПРВО КОЛЕНО (Господе Боже! Инцест по дефиниција!) дури не наполнале 65 години!! Каква врска имаат годините само нивните болни мозоци да објаснат. Овој закон не ми е воопшто смешен па затоа нема ни рангирање. Таму да им е!

Пенсилванија е на четврто место затоа што им забранува на граѓаните да имаат секс со камионџија ама САМО во кабината за алати! Секое друго место е сосема ок, па така слободно на хауба, на седиште, на церада и така натаму, и така натаму... пуштете ја имагинацијата да ве води (што би рекле модерните сексолози).

Вашингтон го дели првото и петтото место. Забранета е секоја поза освен мисионерската. Ако и таа не им е позната тешко нив. Тука логично се наметнува прашањето од каде некој ќе знае која поза ја практикувате? Хмммм... Агенцијата за национална безбедност со своите супер - моќни сателити, на пример?

Орегон е шести, иако валканите сексуални приказни некоја трета страна мора да ги слушне за да има правен случај (да парафразирам некој си адвокат). Повторно ме мачи помислата на тоталитарно општество со своите механизми за шпијунажа. Најслободната држава на светот! Абе ајде!

Запалените светла при сексуален чин се илегални во Вирџинија и таа е на седмо место. Што ќе речат комшиите за овој закон е прашање. Можи ќе им е смешен, а можи ќе им ја ускрати навиката да си седат на балкун и да си гледаат бесплатен порно канал на кој (налет друго!) и глумците ги знат!

Забранетиот орален секс во 18 држави вклучувајќи ја и Аризона е тотално недуховит и затоа осмо место.

Забранетото полово општење на невенчаните двојки од Џоџија мене ми звучи како нормално, конзервативно правило кое на овие простори се упражњавало од памтивек па затоа не ми е смешно туку малку претерано. Тоа е морална одлука, а не нешто што би требало законски да се регулира. Ова исто така останува нерангирано.

Сè е јасно од законите, само не ми е јасно кои се санкциите. Од паранојата која владее таму нема да ме изненади казна за сите наведени прекршоци да е доживотен затвор.

А во ќелијата за инает ќе им стават животно малку под 20 кила.

 
 
Среќни Празници!

На своите верни читатели, весникот „ЕГО“ им ги честита Новогодишните и Божиќните празници.

Постара Архива

ГП Пелистер

Карпатија

Зк Пелагонија

Водовод

Макошпед

Буре

Квасара Битола

Стоматолошка ординација Д-р Јолевски