|
Фармерска сукња, голи нозе сместени во кломпи на висока потпетица, шарени, со голи прсти, маиче со зелена фосфорна боја на прерамки, прслукот, поточно прерамките на прслукот ѕиркаат наоколу... Сето ова зачинето со некакви ефтини, шарени, големи обетки. Не, не! Не Ви пишувам за некаква фолк-пејачка на насловна страница на петпарачки таблоид туку за мајка на чинам двегодишно дете, сопруга и шалтерски работник во една позната банка во нашиот град. Жената ја гледам во моментот кога Ви го пишувам текстот. Таа е на своето работно место. На шалтер. Јас чекам некого во делот на банката наменет за клиенти и кога ја здогледав Дотичната која не се задоволи само со седење зад шалтерот, туку и нежно се прошета и низ цела филијала, добив неверојатна инспирација. Го извадив тефтерчето и зборовите почнаа да надоаѓаат како река. Ех, си велам, на кое дереџе сме. Само погледни наоколу и веднаш ќе ти светне дека бродот тоне. Хаос, кич, желба за некоја лесна и ефтина допадливост, отсуство на вкус, немање критериум, немање вредности. Немање закон. А бре ова треба со закон да се забрани. Па што сум должна јас, бре додека чекам во банка, да и ги гледам излупените петици и прслукот купен од кај Бугарите на проклетата банкарка? Мислам, да се разбереме, мене банкарката ми направи услуга. Само еден поглед на неа и ми збесна крвта. Инспирација колку сакаш... За извоз. Значи, јас имам само ќар од банкарката, зашто вака настроена ќе напишам текст за кој ќе добијам хонорар, башка слава и други погодности. Ама, оти Светот да страда? Мене да ми е убаво, додека светот пати? Не, не оди тоа така. Да се вратам на темата... Дрес код. Дали менаџерите, еве конкретно на банките чуле за дрес код? Ако не, крајно време е да чуете, да воведете ред, со тоа што ќе ги покриете и ќе направите да личат на луѓе вашите вработени, давајќи им соодветна униформа. Ова во најмала рака е невкусно! Не ви личи на имиџот што го градите. Затоа крајно време е да преземете нешто. Еден совет: Направете обука во која ќе им ги објаснете на вашите драги вработени неколкуте правила на облекување кога се работи за изгледот на работа. 1. Сукњата мора да ви ги покрива колената. 2. Блузата мора да ги покрива градите и рамењата. 3. Чевлите треба да ги покриваат прстите. 4. Накитот треба да е дискретен. 5. Косата соодветно собрана. Ако ги распуштите косите, се накитите со накит и ги извадите рамената нема жива сила што ќе ве сфати сериозно, а тоа не го сакате, секако.
|