Почетна --> Архива --> 166 --> СЕЛФ-КОНЦЕПТ
СЕЛФ-КОНЦЕПТ
Автор: М-р Марија Котевска - Димовска   
М-р Марија Котевска - Димовска

Селф-концептот или поимот за себе е централна карактеристика на личноста. Тоа се сите мисли и чувства кои ги имаме за себе, а ги добиваме при одговорот на прашањето: "Кој сум јас?"

Ако нашиот селф е позитивен, склони сме да дејствуваме и да го перцепираме светот и себе си позитивно. Но ако во сопствените очи потфрлиме во однос на нашиот идеален селф, тогаш ни недостасува самодоверба, прифаќање и љубов кон самите себе. Наместо тоа ќе чувствуваме срамежливост, несигурност или сомнеж. Исто така може да преовлада чувството на помала вредност или вина. Сите овие симптоми не водат до ниска самопочит и несакање на себе си, а потекнуваат од големиот расчекор помеѓу актуелната и идеалната слика за себе. Верувањето дека сме недоволно добри и дека е тоа нашата природа е причина за стагнација во развојот. За да ја промениме ваквата состојба треба да сфатиме дека се е подложно на менување и дека животот е вечна промена, па така можеме да се менуваме и ние. Но пред да почнеме со промени, потребно е реално да се самопроцениме те. да го одредиме селф-концептот. Еден начин на кој може секој од нас да го направи тоа е следниов:

Селф КонцептОдговорете искрено и само за себе, на следниве прашања :

1. Кој сум јас ?

2. Какво е моето реално јас ?

3. Каков би сакал да бидам ?

4. Какво е моето идеално јас ?

Овие прашања бараат од вас да опишете какви би сакале идеално да бидете и какви сте навистина. Кога идеалниот и актуелниот селф се прилично слични, селф-концептот се смета за позитивен. Ова се прави на извесни временски периоди. Доколку сличноста на идеалниот и реалниот селф расте, тоа е показател дека личноста расте и се развива.

Покрај својот, постои начин да да го процениме туѓиот селф-концепт. Сигурен показател за нивото на кое се вреднуваат другите личности е начинот на кој тие се однесуваат кон надворешниот свет.

Некои истражувања покажале дека луѓе чија претстава за себе е привремено или континуирано пониска, покажуваат склоност да ги омаловажуваат другите луѓе. Луѓето кои се негативни кон себе, склони се да бидат негативни и кон другите. Додека некои "ги сакаат своите соседи како себе си" други ги мразат другите како себе си. Затоа, кога наидете на грубост или туѓо неодобрување имајте ги во предвид овие сознанија, а туѓата грубост нека ви е показател колку другиот не се вреднува и не се цени себе си. Во прилог на овие сознанија се серија на експерименти од страна на истражувачи во западните земји. Тие претпоставиле дека несугурните и незадоволни од себе луѓе се многу покритични и погруби кон другите. Резултатите потврдиле дека многу поостри, покритични и погруби кон другите биле луѓето кои се чувствуваат несигурно од оние кои се чувствувале сигурни и самодоволни. Овие наоди се во прилог на претпоставката дека здравата претстава за себе е благотворна за личниот раст но и за подобри и похумани меѓучовечки релации.

Селф КонцептЛичниот саморазвој е во функција на доближување на реалното кон идеалното јас. Секој од нас може да се менува, да расте и да ја зголемува својата добрина. Нашата вистинска личност има потенцијал за добрина без разлика на тоа колку сме сега пакосни, има потенцијал за љубов без разлика колку сме сега себични, има потенцијал за сила без разлика колку сме сега слаби. Нашата идеална личност е реалност кон која треба да се доближуваме,а суштината на животот е во промена која не доближува до целта. Колку расчекорот меѓу реалното и идеалното јас е помал, толку сме поблиску до личниот мир, спокојство и самодоволност. Тоа не води и до поуспешен и поспокоен социјален живот. Од една страна ќе ги доживуваме и примаме луѓето со поголеме благост и толеранција, а од друга ќе бидеме поотпорни кон туѓите замерки, грубости и критики кои ќе ни бидат показател за нивното ниско самовреднување.

 
 

Постара Архива

adrialab

ГП Пелистер