Почетна --> Архива --> 166 --> ЗАБЛУДИ... И КАКО ДА СЕ ПРЕЖИВЕАТ?
ЗАБЛУДИ... И КАКО ДА СЕ ПРЕЖИВЕАТ?
Автор: Јордан Николов   
Јордан Николов

Секогаш кога ќе ја прочитам метафората – симболична смрт, чувствувам нота нa неискреност и внимателност од авторот. Зошто дволичност нашминкана со израз симболична смрт? Зошто нештата да не ги нарекуваме со нивните вистински, прецизни имиња?

Ти во мене не умре симболично! Не умре делумно! Не умре постепено! Не умре ко бајаги! Умре со недвојбен физички манифестиран ефект! Умре како некој хируршки да те отстрани! Како некој да ме пресоблече во удобни широки пижами, како да ми даде меки влечки, ми рече да оставам сини картони кај сестрата, ме намами в кревет, ме опи, ми впери силни рефлектори в очи и побара од мене да се опуштам, и кога ќе сум се разбудел сè ќе било во ред! Сè ќе било во ред и не ќе сум те чувствувал во мене! Никогаш веќе!

Се разбира дека се противев. Се противев како и секој друг болен, кој по никој цена не сака да легне на операционен кревет и да дозволи да му го отстранат она што го изедува и убива од внатре. Имам забележано дека со сите се случува истото. Појасно и потрезно ги забележувам симптомите и зафатените делови кај другите, а од нив (секој поединечно) знае неверојатно прецизно да ги препознае и дијагностицира моите маки. Третманот, исто така, зависи од многу нешта и е различен кај секого: дали сме наклонети кон традиционалната медицина и нејзините лекови за болките на душата, дали сме скептици кон алтернативните струења, или дали и понатаму го сакаме placebo ефектот. За мене можам да кажам, дека благодетите на placebo ефектот ме наоѓаат секогаш волен да им се препуштам на неговите седативни својства без и најмала доза на резерва. Фино, суптилно, секојдневно удобно успиен од делувањето на седативот „заблуда“ никако не ги согледував нештата кои на гледачите од страна им се кристално јасни. Кога конечно болките беа пресилни да се издржат... или, подобро: кога уживањето во седативот „заблуда“ (5 mg х 3 пати на ден) доведе до тотално и целосно отапување на сетилата, ти мораше да бидеш отстранета. Мораше да се отстраниш самата. На никој друг немаше да му дозволам да те чепне. Не можеше инаку и не можеше повеќе. Ме повика на состанок (како и во секој друг однос пациент – исцелител), ме опи со поголема доза од себе си (во локалот кој оттогаш само на тоа ме потсетува), ме опушти на удобното столче, и ми пушти силно светло в очи. Започна со добро дозирана нежност и исценирана добронамерност и потоа удобно залегнат ја видов светлината на просветлувањето. Колку само им блазесував на сè уште заблудените!? Колку само сакав во мене уште да кружи placebo ефектот, кој праќал сигнали дека се е во ред и дека нема болки!

Како човечки суштества искрено верувам дека, некој повеќе некој помалку, имаме нишка на само-уништувачки инстикти. Зошто инаку кога туѓо тело, (отсекогаш била туѓо тело!) седеше спроти мене и молчеше, зошто и тогаш (веќе опериран и излечен) моето истоштено тело сакаше да умре?  

Го чувствував процесот сето време, без разлика на опиеноста. Чувствував дека нешто е отстрането од мене. Нешто ме препоти, ми ги пресече нозете, ми го забави пулсот, ми ги накостреши влакната на вратот и тогаш - престана. Потоа се сеќавам како само мирно си седеше до мене. Ништо од ова не е симболично опишување на телесните доживувања. Сето тоа се случи, и јас можев да го почувствувам исто толку веродостојно како што би почуствувал стегање на раката или коцка мраз на дланката, вжештени уши или главоболка. Главоболката е одвратна работа. Ама јас знам уште поодвратни работи. Поодвратни работи се плавиот мобилен на кој веќе нема смс-пораки, inbox-от со пораки кои не се од неа... одвратен ми е вкусот на џусот, одвратни ми се сништата во кои е моја. Одвратен ми е мирисот кој го користеше. Одвратна е датата на која заблудата е родена. Една од основните бои е одвратна (таа беше облечена во таква боја). Одвратни се слоговите на нејзиното име... море, одвратни се и самите букви!

Јас свесно се убедував (дури и на глас велев) дека е подобро што завршило, што не мора веќе да живеам во заблуда. Дали оваа автосугестивна мантра имаше било кави изгледи во нејзино присуство? Не. Заблудата сè уште удобно седната само ме гледаше и навидум загрижена го проживуваше истото што и јас, но всушност таа само дежураше над моето тело. Чекаше процесот на отстранување на туѓото тело да заврши, болниот да се поврати од шокот, да се увери дека нема индикатори за рецидив, да го одреди критичниот праг на преживување, да се потпише на историјата на болеста и за крај, пријателски да се поздрави со пациентот, скришно подгледнувајќи на часовникот дали стигнува дома токму на време за омилената серија. Дневна рутина.

Реконвалесцентот го пишува текстот по ужасните пост-оперативни психо-физички тегоби.

Го пишува текстот, значи - преживеал.

Заблуди... и до кога? Можеше и вака да се вика текстот, и пак ќе беше оправдан насловот.

 
 

Постара Архива

adrialab

ГП Пелистер