Почетна --> Архива --> 166 --> НЕКОГАШ И СЕГА
НЕКОГАШ И СЕГА
Автор: Наташа Николовска   

Наташа НиколовскаНапишано на 14.02.2002

Ноќ е... Размислувам... Се сеќавам... Светлина, радост, солзи, тага, падови и висини... Ден и ноќ или нешто помеѓу ден и ноќ, нешто како кога денот си оди а доаѓа ноќта... Мојот најомилен дел од денот и ноќта... Моментот кога едниот си оди отстапувајќи му место на другиот... Таков е мојот живот... Живот со многу промени, со многу висини и падови, со многу среќа и тага но исполнет како никој друг... Среќна сум поради тоа....

 

14.02.2002(по полноќ)

Многу сакам да водам љубов со природата. Да ја гледам, чуствувам, да се исполнувам до максимум... Нема ништо подобро од тоа! Нели се прекрасни и по малку таинствени сите промени во природата: Сонце, ветерче, дожд, снег, бура... Има ли нешто поубаво од убавините што ги создала природата? Реки, езера, мориња, цвеќиња, дрва, трева, карпи, планини... Кога ги набљудувам нејзините убавини чинам Господ лично ги насликал за да им се насладува, а покрај него и ние обичните смртници барем додека сме гости овде на земјата.

 

Овде на земјата” - филм што би требало да го погледнете, зборува за љубовта. Љубовта е смислата на постоењето. Љубовта е ѕвезда што не води. Љубовта го бои животот. Го бои розево. Пробајте. Не плашете се. Борете се. Обојте го животот. Само така не сте живееле залудно.

 

Други добри филмови: Легенди за есента, Есен во Њујорк, Порака во шише, Англиски пациент, Казабланка, Однесено со виорот, Оркански висови, Казабланка, Првиот витез, Моја Африка, Нешто лично... На овие се сетив во моментов. Во сите тема - љубовта. Љубов.... Копнеам по неа... Сонувам за неа... Мојот огромен проблем и смислата на моето постоење! Љубов како во бајките, голема, вистинска, целосно предавање... Родена сум за тоа... Да докажам дека постои, дека е можна...

 

08.07.2008

Денес се сетив дека имам дневник од пред неколку години. Го побарав.... Го разлистав и решив да ја поделам неговата содржина со тебе, драг читателу, без желба нешто да менувам, да шминкам. Ги препишувам редовите од дневникот и ги споделувам со тебе. Ти имаш со што да го убиеш времето, а јас... јас добивам неверојатно ослободување.... Читајќи ги првите две три страници (толку решив денес со тебе да споделам, но ти ветувам дека ќе продолжам и во наредните броеви) размислувам колку сум се променила од пред 6 години. Се уште гледам на мојот живот како на живот исполнет со многу среќа, но и со многу  тага како што гледав некогаш, само што тогаш тажна бев за многу помали нешта, а денес и  најтажните случувања се трудам да ги разберам и да продолжам понатаму во пресрет на сонцето. Се променило и тоа, драг читателу, што ноќе воопшто не размислувам. Спијам. Убиена од куп обврски. Се чини засекогаш заврши моето ноќно творење... Ама и пладнето не е лошо... Посебно ако ти се допаѓа мојот текст. Ова со водењето љубов со природата останува исто. Се уште уживањето во сите лица на природата го држи првото место кога полнењето на душата е во прашање. Најмногу се промени мојот вкус за филмови. Секоја чест на оние кои ти ги препорачувам пред 6 години. И денес за поголемиот дел од нив мислам дека треба да се видат. Казабланка или Однесено со виорот никогаш нема да се повторат! Во тоа сум сигурна, само... Мислам на патетичната нота која е карактеристична за сите филмови кои тогаш ми биле за воодушевување. Сега уживам  да речеме во “Сексот и градот”. На филмот мислам, сериите не сум ги гледала. И во овој филм се слави љубовта, ама барем во меѓувреме девојките се забавуваат наместо да умираат. Она во што не сум се променила и во што сум иста како таа ноќ на 14 февруари пред 6 години и каква што веројатно ќе бидам засекогаш е вербата во љубовта... онаква голема, вистинска, целосно предавање... Љубов без каква постоењето воопшто не е вредно. Разликата е во тоа што веќе не копнеам и не сонувам по неа. Сега сонувам со него...

 

(Продолжува)

 
 

Постара Архива

adrialab

ГП Пелистер