„Демократијата почива подеднакво и врз еднаквоста и врз слободата“ (Алексис де Токвил) Она што е симбол на демократијата, а воедно и нејзин стожер, тоа е слободата, на говор, политичка определба, правото на глас и сл. Меѓутоа, доколку ја оставиме директната (т.е. непосредна) демократија на страна и се приближиме повеќе кон претставничката демократија која се среќава во модерниот свет, а и во Македонија од 1991 год, тогаш се поставува прашањето како граѓаните влијаат врз својот живот со тоа што ќе изберат свои „претставници“ кои четири/пет години ќе се „борат“ за интересите на народот?
И покрај фактот што граѓаните не се свесни за својот удел во политичкиот живот, тие формираат голем процент од целокупната секојдневна политика во државата. Поскептичните размислувања ќе бараат силен аргумент кој може да ги убеди во ова, а токму тоа и ќе се обидам да го објаснам и на еден посликовит начин да направам паралела која ќе помогне во објаснувањето. Ако Македонија ја поистоветиме со жив организам (пример човек) со сите свои органи, тогаш, народот како свои претставници на избори ги избира оние кои ќе управуваат со главната „машинерија“ и тоа срцето и мозокот на државата како два органи кои ја вршат координацијата на работата на сите останати (во случајот со Македонија тоа се претседателот и премиерот), но и обезбедуваат услови за работа и опстанок на сите останати органи. За да биде јасно, шефот на државата - претседателот и владата се оние кои ја координираат работата во Македонија, меѓутоа, нивната работа се заснова врз потребите на целото население во државата. Тогаш, ќе се запрашаме - како желбата на народот или подобро кажано неговите потреби стигнуваат до ушите на челниците? Одговорот е едноставен. Покрај мозокот и срцето, човекот има многу други органи кои извршуваат најразлични функции, а меѓу нив се и нервните завршетоци кои постојано, дразбите од надворешноста ги пренесуваат до централата. Истото се случува и во државата. Потребите на народот се пренесуваат до државата преку т.н. истражувачки куќи (уште познати како агенции за испитување на јавното мислење), кои преку испитување на јавното мислење ги објективизираат потребите на граѓаните и ги пренесуваат истите до управните органи. Меѓутоа, повторно кај дел од населението се јавува скептичност во однос на точноста на тие резултати и легитимноста на истите бидејќи анкетирањата се вршат на мал број на испитаници за едно истражувње. Од она што јас сум го имал како искуство во работата со анкетирањата, можам да кажам дека бројот на испитаници (околу илјада испитаници за едно истражување) е доволен, доколку се земат во вид и сите категории на испитаници кои што учествуваат во испитувањата. Имено, категоризацијата за тоа кој испитаник ќе биде анкетиран се врши според неколку критериуми кои се универзални и се применуваат еднакво во сите демократски држави каде преку анкетите, политичарите се раководат во својата работа. Собраните резултати се испраќаат до центри за обработка каде добиените резултати се претвораат во проценти што јасно ја отсликува потребата на населението. Доколку разликата во оние кои се изјасниле позитивно и оние кои се изјасниле негативно во однос на едно исто прашање е голем, тогаш јасно е дека треба да се следи желбата на мнозинството, кое е стожер на секоја демократија, но притоа неотфрлувајќи ги целосно потребите на оние кои во мал процент се изјасниле поинаку. Со самиот чин на изјаснување во однос на истражувањето граѓаните допринесуваат во креирањето на политичката сцена во државата, а анкетите претставуваат еден сврзник помеѓу граѓаните и политичката сцена каде во вид се земаат и резултатите од истаржувањата. Кога зборуваме за политичките анкети, особено во Македонија, земја во транзиција, дел од граѓаните не сакаат да учествуваат во политички анкети, криејќи го сопственото мислење. Демократијата подразбира право да го изразите вашето сопствено мислење, и покрај тоа што можеби нема на некого да му се допадне. И за крај еден совет, не се затворајте во себе, изразете го вашето мислење, но, внимателно проверете кој и за што ве анкетира и се разбира, каде ќе завршат тие податоци! - бидејќи се почеста е злоупотребата од поединци кои лажно се претставуваат за да стигнат до нивната цел. |