|
Интервју: Проф. д-р , професор на Педагошкиот факултет во Битола и директор на Бизнис-академијата Смилевски
Ќе започнеме онака како што самите милувате да кажете, со констатацијата дека по трет пат доаѓате во Битола, но само фигуративно, зашто во Битола всушност сте многу често. Јас во Битола континуирано бев од мојата осма до дваесет и осмата година. Потоа отидов во Скопје, за да се вратам повторно по 20 години во 1995. Во овие последни 13 години сум постојано "на тркала". Половина во Скопје, половина во Битола, како професор на Педагошкиот факултет во Битола и во Скопје во слободното време како консултант во мојата приватна консултантска фирма ДЕТРА ЦЕНТАР. Сега се враќате во Битола по трет пат. Да, овојпат како директор на "Бизнис академијата Смилевски", која ја доби работната дозвола и се конституира како прва приватна висока стручна школа во областа на бизнис-менаџментот, со седиште во Скопје и со дисперзирани студии во Битола, кои што своите први студенти веќе ги регистрираат, а наставата ќе почне на 15 септември во новата академска година. Долги години, практично цел ваш живот го минувате како професор. Каква е професорската работа? Јас повеќе милувам да речам како учител. И тука има една специфика. Кога јас се запишував од основно во средно образование ни на крај памет не ми паѓаше дека ќе бидам учител, бидејќи кога во седмо и осмо одделение се определувавме кој каде ќе се запише, јас многу ја сакав физиката и се натпареварував по техничко образование - физика и се запишав во Средно машинско училиште со намера да бидам машински техничар и дај Боже, нешто повеќе од тоа. Меѓутоа во тој период беше дефицитарно обезбедувањето кадри за стручните училишта, моите професори по стручните предмети доаѓаа од Фабриката за фрижидери за да ни предаваат нас, па бев упатен во Риека на додиплоски студии за машинство, за да бидам иден професор по машинство. Тоа беше поволно за мене бидејќи имаше стипендија, а беше повторно врзано со машинството. Така се случи првото мое застранување од машинството и влегување во една друга сфера што значеше професорство, односно учител на средошколци. Во текот на студиите едно полугодие работев како наставник и тогаш видов дека тоа е она што ми лежи. Од тогаш до денес сум учител или учител на учителите. Значи сте работеле и во средно училиште. Работев пет години во моето матично училиште "Ѓуро Салај" сега "Ѓорги Наумов", од 1969 до 1974. Тоа искуство од средното образование, со низа иницијативи за иновирање на процесот на утврдување на стручното образование според потребите на стопанството и соработка со тогашниот Завод за школство, беше причината да ми се понуди да бидам стручен соработник. Тогаш бев индиректен учител кој работеше со наставниците во стручните училишта, а потоа и во гимназиите, за да во 1982 станам и директор на Републичкиот завод, во периодот кога беа најинтензивните реформи во тогашното средно тн. насочено образование. Тој период го сметам за најдобар во кариерата. Колку беа успешни споменатите реформи гледано од денешна дистанца? Ако се гледа што е она што сега се нуди во стручното образование, ако тогаш го направевме, сега ќе бевме многу напред. Немајќи сила политиката она што го декларира да го имплементира во практиката, се вративме назад и сега европејците ни го продаваат она што го имавме тогаш! Она што сега се вика задолжително средно образование или поврзување на образованието со стопанството, тоа беше периодот од 1975 до 1985 кога интензивно во цела тогашна Југославија со мали разлики се правеа обиди, но без сила тоа да се изведе до крај во практиката. Она што сега се прокламира како изборни предмети, курсеви и тн. тоа беше уште тогаш. Но директорите сакаа да имаат изборни предмети според наставниците што ги имаат, а не според она што им треба на децата. И практично тоа беше угушено уште во стартот. Ако гледаме наназад, постојано во образованието има некои промени, постојано нешто ново се воведува. Ете, државната матура која неколку години беше одлагана, се полагаше дури во оваа учебна година. Мислам дека во образованието политиката премногу политизира наместо да води политика, а тоа значи дека постојано отстапува во интерес на дневната политика, на штета на декларираните политики. Ете, матурата беше воведена пред три години, а власта и таа што беше тогаш, и претходната и оваа што ќе дојде, постојано тактизираа. Знаете, пред два месеца став беше дека "и оваа година матурата треба да ја одложиме за да ги добиеме изборите". Ниеден проблем, па и проблемот со матурата со одлагање не се намалува туку само се зголемува. Се сака некој друг да го решава проблемот што е сега, тука и наш. Проблемот со матурата беше неспособност, немање капацитет прво да се дефинира експлицитно што се сака и потоа политичка волја тоа да се имплементира до крај. Земете го случајот со пробната матура. Каков напор се направи да се проба за да не се прават грешки сега? Пробната матура беше за да се види како ќе се одвива матурата, а не колку знаат учениците. Во јавноста се отиде обратно, се кажа дека децата не знаат, а не кажаа што не функционира. Засега, врз основа на тоа што не беа фокусирани, што никаде го нема во светот, на 14 јуни беше спроведена државната матура и се најави дека по месец дена ќе ги дадат резултатите. Во светот тоа се прави вториот ден. На факултетите тоа го правевме за два дена, тогаш се викаше приемен испит. Сега имаме компјутерска технологија, но поради неорганизираност децата еден месец се држат во неизвесност и немаат можност да ги испробаат сите варијанти за уписи на факултет. Заради државната матура запишувањата на државните факултети се на крајот на август. Матурантите ги пропуштаат запишувањата на високите школи во другите земји. Ние декларираме дека се правиме за децата, за учениците, студентите, а на крајот испаѓа дека се правиме за професорите и директорите, како ним им е подобро. Немаше основа да се губи цел месец. Зошто да не биде запишувањето на факултетите на 25 јули, туку на 25 август? Учениците на 15 јули ќе ги имаат свидителствата. Зошто во рок од пет дена потоа да не ги поднесат документите, да го направат својот прв обид за запишување на факултет, па ако не успеат да имаат шанса да пробаат на друг или некаде надвор од Македонија? Никако да сфатиме дека секоја институција постои за своите клиенти. Кога тоа во главата на луѓето ќе се постави, тогаш сите работи многу побрзо ќе се решаваат. Годинава имаме и друга новина. Задолжително средно образование. Според вашето искуство колку е тоа добро, а колку лошо. Прво со голема пропагандна активност Владата го најави задолжителното средно образование, но ниту Владата, ни нејзината професионална институција, Бирото за развој на образованието, не излезе на јавноста да и објасни што е тоа средно образование. Постои перцепција дека средното образование е четиригодишно образование, што не е точно, бидејќи во средното образование постојат повеќе нивоа и она што е во документите, а не сака да се каже во јавноста, е дека ученикот ќе заврши средно образование и со една година. Ќе заврши некое едногодишно оспособување и со тоа, она што е законска обврска, да не биде казнет, ќе заврши. Меѓутоа, од пропагандни причини веројатно некому му одговара да се каже дека ние правиме нешто, ќе го подигаме нивото. Не се подига нивото на компетентноста со тоа што секого ќе го влечете четири години во школо иако нема капацитет, туку секој да постигне максимум во рамките на своите предиспозиции. Секој да има шанса, но да стаса до каде што може. И она што треба да се каже, дека постојат различни нивоа на средно општо и средно стручно образование и обврска е на родителите децата да завршат барем едно ниво. Тоа е секаде во светот и затоа во светот немате категорија задолжително средно образование, туку има задолжителен период на задржување во системот на сметка на државата, 8, 9 или максимум 10 години. И кај нас е така, само не се кажува. Треба на родителите и децата да им се каже целата разновидност на можности и училиштата да се подготвуваат за тие различни капацитети, различни можности каде луѓето, штом стекнат компетенции ќе можат веднаш да одат во Бирото за вработување. Имаме средно образование со три и со четири години. Но, исто така за да бидеме поатрактивни велиме средно стручно образование со четири, може и со три години, а другите можности воопшто не ги споменуваме, ниту пак ги имаме разработено. Во светот можности постојат. Тоа што ние сакаме проблемот да го одложиме, а не да го решиме сега, значи дека и тие што ќе одат и со три и со четири години, по неколку години чекање во Бирото, ќе се вратат повторно со некој курс од една година за да се вработат. Ќе поминат неколку години во школување, неколку во чекање, за да се вратат на она што реално и објективно му треба на ова стопанство. Нам уште долго време ќе ни требаат конфекциски работници кои главно се регрутираат од основно образование и некаков курс. Убаво е да имате и четиригодишно образование, повисока култура, тоа никој не го негира, ама треба да биде кажано што и зошто се прави. Некои реагираа дека нема да можат да го издржат трошокот за школување на нивните деца во средните училишта. Се што е задолжително, како трошок, ако државата го воведува треба и да го плати. Но, во праксата не е така. Токму заради тоа пропаѓаат реформите. Имав можност да учествувам во сите фази во донесување на закони. За да помине некој закон, обично се вели дека за неговата имплементација не требаат нови средства. Но, штом се донесе законот, веќе вториот ден се вели дека требаа пари за икс работи. Тоа се случува затоа што не се прави проценка - што е она што реално може да се имплементира во практиката и тоа да биде донесено како закон, како програма, решение. Ќе успее ли задолжителното средно образование? Нема да успее онака како што е најавено. Но ќе се најдат многу објективни оправдувања зошто не успеало. Ние имавме добра намера, но околностите не ни дозволија. Тоа ќе бидат изговорите. Меѓутоа, ако се разработи системот, затоа што веќе се формира Центар за стручно образование и оспособување, сите овие нијанси на пониски степени кога ќе бидат програмирани и внесени во системот, тогаш секој родител кој нема доволно пари да го школува детето 3 или 4 години, ќе го прати на една година школување, ќе научи некаков занает и ќе се вработи или сам ќе си отвори работа. Тогаш се зголемува степеност на остварливост на задолжителноста на средното образование, но сфатено вака. Не како три или четири годишно, туку како дел од средното образование. Ќе имаме ли сега повторно некоја т. н. промашена генерација? Не, туку ќе имаме бадијала фрлени државни пари. Тие пари што ги имаме треба да бидат посоодветно распределени. Еве на пример, акцијата компјутер за секое дете е многу убава работа. Но следните три години ни 30% од тие комјутери нема да бидат користени. Со половината од парите можеше да се купи по еден компјутер за две деца, а остатокот од парите да се вложеше во развој на софтвер на македонски јазик и на обука на наставниците. Комјутерите сега ќе ни стојат како споменици зашто софтверот е на англиски јазик. Како наставникот по историја ќе го користи комјутерот кога детето не може да најде ништо на македонски јазик од областа на историјата? Оние 2 или 5% деца што добро знаат англиски јазик ќе се снајдат, но што ќе биде со другите? Знаете, образованието е еден сегмент кој што најмалку им одговара на политичарите. Вложените пари се враќаат дури по 10- 20 години и ќе се заборави од кого се. А вака, се знае кој ги даде компјутерите и тој добива плусови. Има и друга работа која предизвика доста полемики меѓу позицијата и опозицијата - отворањето на нови факултети во Републикава. Мислам дека овој дел опозицијата не го артикулираше многу добро, одеше само на "ѓон" да собере и таа поени. Многу е нерационално тоа решение, државата на државниот универзитет да му создава конкуренција. Да го земеме случајот со Правниот факултет во Кичево. Ако имате Државен универзитет во Тетово каде има Правен факултет и на албански и на македонски јазик, ако имате Правен факултет на Државниот универзитет во Скопје, потоа во Штип, кое е оправдувањето за нов државен факултет за правни науки, а не да бидат дисперзирани студии на постојниот Правен факултет кој има капацитети и т. н. Зошто некаде да се прави Технолошки факултет, а половина од професорите на веќе постоечкиот Техниолошки факултет немаат доволно часови? Зошто тие да не држат часови во Велес или Кавадарци, туку да се прави посебен факултет таму со сопствена администрација? За да се бројат краткорочни успеси. Никој не оспорува дека е добро школите да бидат поблиску до учениците, но никаде државата на своите универзитети не им прави сопствена конкуренција. Тој треба да биде еден систем - државен со различни локации. Во Ресен се отвори Факултет за овоштарство затоа што таму има многу производители на јаболка. Па не значи дека сите ќе сакаат да одат на тој факултет! Последиците од ваквите одлуки ќе бидат како оние пред 20 години со Правниот факултет во Битола. Тука, наместо да бидат тоа дисперзирани студии од Скопскиот, се отвори како факултет. Кога ќе направите една институција таа грчевито ќе се бори да опстојува сама за себе, а не затоа што има потреба. Знаете колку беше болно за Битола, прво да се укине факултетот за луѓето што беа таму, а уште повеќе за оние кои станаа кондуктери со правен факултет. Флексибилноста на мрежата треба да си ја прави државата со својата политика во рамките на постојните државни универзитети. Во тој поглед има една нерационалност. Каква иднина им претскажувате на овие нови факултети. Бидејќи Владата декларираше дека презела многу успешни мерки за развој на стпанството, единствено решение за сите проблеми е функционирање на пазарната економија и конкуренцијата. Тогаш кога ќе заживее конкуренцијата, кога некоја институција ќе рече дека нема да вработува правник од Кичево, туку само правник од Скопје, кога ќе рече дека вработува менаџер од оваа, а не од онаа институција, како што велат за некои приватни факултети, тогаш ќе се види колку погрешни политики од сите работи се повлечени. Никаква интервенција нема да помогне кога ќе се случи тоа. Тоа нема да биде брзо, но во наредните 5 до 10 години очекувам пазарот да почне да влијае на политиката на високото образование. Ги спомнавте тука приватните универзитети, па да преминеме сега на она што значи Бизнис Академија Смилевски. Зошто се решивте на тој чекор? Од две причини. Едната е емотивна, а другата рационална. Јас бев човекот кој прв пат организираше било каква форма на образование во областа на менаџментот во Македонија. Курсеви, првите постдипломски студии за кадровски менаџмент, потоа МБИ во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и 17 години обучувачка и консултантска работа во областа на менаџментот. Паралелно имав и предавања на додипломски и постдипломски студии од областа на менаџментот во уште 5-6 факултети во државава. Тогаш кога никој не веруваше во тоа, јас верував. Го правев тоа и резултатите дојдоа. Уште од тогаш сакав, како што е на Запад, да има поим за квалитет на приватна високообразовна организација, која што клиентот и квалитетот ќе ги има во прв план. Од тоа политичко тактизирање две влади до 2000 година не успеаја да го донесат Законот за високо образование за да може и во Македонија да се формираат приватни високообразовни организации. Во другите земји тоа се направи и се одболедуваат детските болести на приватното високо образование - да се даваат дипломи и да се продава знаење. И сега во опкружувањето за иста диплома можете да платите 500 долари и 5.000 долари. Едната ќе ја добиете лесно и ефтино и ќе имате парче хартија. За онаа од 5.000 ќе добиете знаење и компетентност. Во овој период кај нас се случи некои институции да речат дека не вработуваат студенти од тој и тој факултет. Мора, кога веќе 17 години работиме тука, да им докажеме на сите дека приватното образование може да биде поим за квалитет. Тоа е она емотивното. Сега за она рационалното. Работејќи по фирмите во овие 17 години констатиравме дека клучен фактор на успехот е менаџментот на првото ниво. Оние што дневно ги менаџираат процесите и луѓето. Без тоа не може да се функционира. Прашање е кој доаѓа тука. Наједноставно е најдобриот работник да го ставите да се грижи за оние другите. Меѓутоа промовирајќи го него и застанувајќи тука, недавајќи му никакво друго образование, а уште повеќе недавајќи му овластувања, го губите како најдобар работник и правите лош менаџер. И во образовниот систем за тоа ниво, релативно ниско, никој не се грижи. Филозофијата е дека секој може тоа да го работи, дека секој може да биде комерцијалист и деловен секретар. Недостатокот од школувани луѓе за тоа ниво, за оперативното водење, е она што нам ни недостасува. Ние сме вршеле функционални обуки за луѓето, сме ги доучувале, но сега нив ги систематизиравме во една оригинална идеја - подготовка на оперативни менаџери за средното менаџерско ниво, она ниво кое од преминот од мала во голема фирма сопственикот мора да го воспостави. Се уште постои некаква резерва, дека не може човек од клупа веднаш да го ставите менаџер. Ние им даваме можност да бираат еден од трите профили кои се врзани со него. Тоа се: комерцијалист, кој обезбедува ресурси и ги пласира производите, потоа деловен секретар, кој ги врзува сите луѓе внатре во фирмата и кон надвор, кој во некои фирми е и втор човек по значењето што го има и претприемач, наменет за луѓето кои имаат свој бизнис, а немаат високо образование. До каде се подготовките? Се е веќе подготвено. Нашата целна група, односно учениците од стручните училишта кои имаат љубов кон менаџерството, имаат предиспозиции да бидат менаџери, веќе се информирани. Тестиравме 3.500 ученици од средните училишта во Македонија и според резултатите на тестот им кажавме каде можат да успеат и уште им кажавме нешто што никој порано не им го кажал, а тоа е - каде ризикуваат ако се запишат. Околу 15% од вкупната популација што ја тестиравме се соодветни, односно би успеале ако се запишат кај нас. Другите 75% и кога би сакале да бидат наши студенти ние би им рекле дека е подобро да одат на друго место. Немаме право да ги одбиеме, но ќе им кажеме дека школувањето ќе им биде тешко или пак ќе го завршат, но никогаш нема да уживаат во она што го работат. Центарот на Бизнис-академијата Смилевски ќе биде во Скопје, но ќе имате и одделение во Битола. Покрај во седиштата во Скопје и Битола, создадовме услови и во Штип и во Велес да имаме центри за менторска поддршка на вонредните студенти на кои ќе им помогнеме да научат нешто, а за дипломата што ќе им ја дадеме да стојат компетенции кои пазарот ќе ги признае. Дали бројот на студенти кои можете да ги примите е ограничен? Суштински не, а формално да. Ние, според капацитетите што ги обезбедивме досега, во поглед на просторот и во поглед на банкарска гаранција, сме акредитирани за примање до 65 студенти и ќе настојуваме тој број да го задржиме, да се посветиме на нив. Бројот на вонредните студенти и студенти со трансфер од други факултети кои не користат простор може да биде поголем, и тука скоро да немаме ограничувања. Што се однесува пак до кадровскиот капацитет, него веќе го имаме. Каде ќе биде сместена Академијата во Скопје, а каде во Битола? Бизнис Академијата Смилевски е на Булевар АВНОЈ 74-а во Скопје, во населбата Аеродром, каде имаме простор од 700 м/2. Со својата технологија е врзан на образовниот портал на Општина Велес со кој обезбедуваме комплетна дигитализацаија на администрацијата и на целокупниот воспитно-образовен процес. Нашите студенти ќе имаат во секое време достап до сите извори на знаење, што значи нема купување на учебници, се им е обезбеднео во електронска форма, а во школарината немаат скриени трошоци во вид на екскурзии, униформи и сл. Во Битола пак, сме сместени во Стаклената зграда во центарот на градот. Тука ќе имаме можност да опслужиме 20 редовни студенти. Има многу приватни високообразовни институции во Македонија, како гледате на конкуренцијата? Ако сме се определиле за пазарна економија легитимно е да има конкуренција. Ако нема конкуренција нема да има ни успех. Во раниот развој на капитализмот имаше една заблуда дека е добро да се уништи конкуренцијата, а тоа значи да се содаде нов монопол, а тоа пак значи неуспех. Затоа сметам дека има и добро е да има конкуренција. Прашање е кој за што е конкуренција. Што се однесува до целната група ние имаме конкуренција, но сметам дека е послаба од нас. Ние ќе ги подготвуваме нашите студенти да бидат подобри, а второ, ние сме уникатни затоа што во Македонија нема универзитет или факултет кој во студиската програма има задолжителна теренска практика за студентите, освен нешто малку на педагошките факултети. Ние тоа го нудиме, обучуваме ментори во фирмите. Студентите еден ден во неделата ќе бидат редовно во некоја фирма, ќе водат рефлективен дневник што учеле и што научиле, тоа ќе се проверува во наставата и на крајот ќе добиваат кредит како и за другите предмети. Тоа е нашето најсилно оружје. Голем дел од нашите студенти, кога ќе завршат трета година, веќе ќе си обезбедат можност да бидат задржани во фирмите каде што ќе имаат шанса да се докажат или пак ќе добијат препорака од нив. Веќе имаме воспоставено контакти и потпишано договори со 15 фирми за изведување студентска практика кај нив, а бројот верувам ќе се зголемува. |