Почетна --> Архива --> 166 --> ТОП ДЕЛОВНА ДЕСТИНАЦИЈА
ТОП ДЕЛОВНА ДЕСТИНАЦИЈА
Автор: ЕГО Редакција   
Битола најпогодна за бизнис во Југоисточна Европа

   Во конкуренција со уште 22 града од седум држави на Југоисточна Европа, Битола се најде на тронот во однос на леснотијата на водење бизнис. Ова го покажа истражувањето на Светска банка, кое се темелеше на одредени оценки за можностите за водење бизнис што ги нудат локалните власти. Рангирањето беше врз основа на истражувањето за тоа дали и колку е лесно да се почне бизнис во истражуваните градовим од седумте балкански држави. Битола доби подобри оцени од Шибеник, Приштина, Мостар, па дури и од Скопје, кој е рангиран на 16. место.

Топ Бизнис Дестинација    - Низа поволности стојат на располагање за потенцијалните инвеститори, особено во индустриската зона „Жабени“. Тие не мора да губат време за административни работи, да бараат промена на деталниот урбанистички план зашто ние веќе го направивме тоа. Градот којшто е познат како град на конзулите, град на културата, убаво е да се чуе дека е број еден и во делот на бизнисот, вели Владимир Талевски, градоначалник на Битола.
    Признанието од Светска банка значи позитивен сигнал за вложување во градот.
    - Битола е број еден во однос на водењето на бизнисот! Ова е продолжување на еден успешен тренд. Лани Македонија беше рангирана меѓу десетте реформатори на глобално ниво, а ова е само продолжување на таа клима, изјави Џејн Ерметич, директор во СБ и регионален координатор за ЈИЕ, на конференција во Битола одр`ана во понеделникот на која присуствуваа претставници од сите 22 града.
Топ Бизнис Дестинација    Отворањето бизниси, давање градежни и други дозволи, регистрацијата како и лиценцирањето, беа дел од критериумите според кои се вршеше анализата.
    - Внимававме на четири елементи: Колку време и колку чини, на пример, изградбата на магацин, колкава е брзината и колку чини трансферот на недвижен имот и извршувањето на договорите. Тие предности ја издвоија Битола од другите градови, рече Пјер Гислен, директор на ФИАС на Светска банка.
    Едношалтерскиот систем што го спроведува Битола во изминатите две и пол години ги отвори вратите за домашните и за странските инвестиции.
    - Битола ја направивме електронска општина. Тој систем не се однесува само на делот на урбанизмот, туку опфаќа три станици - урбанизам, даночно одделение и финансии. Имаме софтвер што ни помага да утврдиме точно секој предмет кај кој службеник се наоѓа, истакна битолскиот градоначалник Владимир Талевски.
Топ Бизнис Дестинација    За локалната власт еден од најголемите предности се поволностите што ги нуди градот на инвеститорите.
    - Во индустриската зона Жабени, локалната самоуправа направи инфраструктура, што е голема предност за инвеститорите, рече Талески.
    Според Владата, ова е јасен сигнал за инвеститорите: „Ова е добар сигнал дека условите во Битола се добри, што ќе придонесе за економски развој на градот, регионот, но и на државата“, изјави вицепремиерот Зоран Ставрески. Најновата квалификација за Битола, според претставниците на Светска банка, ќе значи бизнис-промоција на градот во светот.

 
 

Постара Архива

adrialab

ГП Пелистер