|
За трихинелозата во нашата земја, за разлика од бившите Ју-републики, ретко се зборува. Причинител е Trichinella spiralis, црв кој паразитира во попречно-пругастата мускулатура на цицачите. Најчесто паразитира во дивите месојади и омнивори (животни кои јадат храна од животинско и растително потекло) како мечка, дива свиња, стаорци и глувци. Во населените места резервоари на болест се стаорците, глувците и домашните свињи.
Животните се заразуваат со јадење на трупови на заразени животни во чија муслулатура постојата ларви на трихинела. Човекот се заразува со консумација на недоволно термички обработено месо на свињи, диви свињи или мечка и со консумација на недоволно обработени сувомесни преработки од овие животни. После конзумирањето на заразеното месо, во цревата се ослободуваат и созреваат зрелите облици на Trichinella spiralis и оплодените женки, во ѕидот на тенкото црево исфрлуваат и до 15 000 ларви. Овие ларви по пат на крвотокот, лимфата или со директна миграција доаѓаат до попречно пругастата мускулатура и тоа најчесто на дијафрагмата, мускулатура за жвакање, мускулите на очите, јазикот и меѓуребрените мускули. Кога ќе стигнат во мускулите, околу ларвите се формираат капсули и до крајот на животот на домаќинот остануваат таму. Симптомите кај човекот се различни, зависно во која фаза е болеста. Кога ларвите почнуваат да мигрираат од цревото се јавува пролив, зголемена температура, мачнина и повраќање. Кога ларвите ќе стигнат до мускулатурата, се јавуваат болки во истата и зголемена температура. Карактеристичен е отокот околу очите и веѓите и промена на крвната слика. Трихинелоата може да заврши и со смрт бидејќи може да биде нападнат и срцевиот мускул. Опоравувањето од трихинелозата е долго и не постои лек кои ќе ги елиминира инкапсулираните ларви од мускулите. Во деловите на Хрватска и Србија, каде се одгледуват поголем број на свињи и каде традицијата на обработка на сувомесни производи во домашни услови е многу долга, појавата на трухинелоза кај човекот е многу честа. Ќе ви раскажам една вистинита случка за едно семество, во Србија, кое произведувало чадено месо од свиња, за свои потреби. Таа година не успеале добро да го салмурат и исчадат месото, па во средишниот дел од чаденото месо постоел дел каде останале живи ларвите од трихинелата. Во тоа семејство живеела и постара баба која не можела добро да џвака па нејзе и давале само од средишниот, помек дел на чаденото месо. Сакајќи да и олеснат на бабата во исхраната, тие ја заразиле со огромен број на трихинели. Бабата ја лечеле од реума до степен кога сосема се вкочанила. За среќа, нивниот ветеринар предложил да го испитаат месото со кое секојдневно ја хранеле бабата, за да не и "ослабне" организмот. Кај нас, голем дел од селските, па и градските, семејства сами колат свињи и ретко кој го проверува месото на трихинелоза. Сигурно и кај нас ја има ама повеќето луѓе го замрзнуваат месото. Трихинелозата се уништува со држење на месото повеќе од 20 дена на -15 степени а во ладилниците, со брзо замрзнување на -70 степени се уништува за кратко време. Ретки се кај нас луѓе кои прават сувомесни преработки со сушење и чадење на месо од свиња или дива свиња, па затоа и случаите на заразени луѓе се многу поретки. Сепак за да се избегне ова непријатно и многу болно заболување треба да се внимава на потеклото на свињското месо и преработките од него. Месото од дивите свињи треба добро да се свари или испече, а сушење и чадење на истото да се прави само после проверка во ветеринарна установа. Државата треба со редовна дератизација да го држи бројот на глодари на ниско ниво бидејќи тие се главниот преносител и главната врска меѓу трихинелозата на дивите и домашните животни а со тоа и кај човекот. |