|
Нешад Аземовски
Египќаните во Република Македонија се составен дел на Балканските Египќани, кои своето потекло го имаат од Стариот Египет, уште од најстарите цивилизациски времиња на Балканот. Нивното постоење е евидентирано во многу историографски, археолошки, етнографски, лингистички и други извори. Заедницата на Египќаните во Македонија има свои специфични елементи на својата етно-култура, во својата материјална, духовна и општествена култура, со својата специфична ендогамија но и етно-мимикрија. За оваа проблематика, за ЕГО зборува Нешад Аземовски.
Кои се првите записи за постоењето на Египќаните на Балканот? Според некои документи од Ватиканскиот архив идентитетот на Египќанската попуација на Балканот е присустна во 306 година. Може да се следи континуитетот на присутност на оваа заедница за време на сите историски периоди до ден денешен. Во 1867 година во весникот “Македонија” што е издаван во Цариград (8 Август 1867 година) има едно писмо испратено до уредникот на весникот, потпишано од “Еден Египтјанин” од Прилеп, со содржина за заштита и борба за малцинските и религиозаните права на луѓето од заедницата на Египќаните. Процесот на јавно изјаснување на својот сопствен идентитет на Египќаните започна во 1970-тите години со првите напори за добивање на сопствена графа “Египќани” во пописите на поранешна Југославија, и во СР Македонија одделно. Некои Египќани во Македонија на пописот од 1981 година се декларираа себе си како “Еѓупци” но беа рекласифицирани како “Роми”, додека другите се изјаснаја како “Египќани” за прв пат во СР Македонија, но тие исто така не беа обработени во пописните резултати и беа класифицирани како “други”. Со цел да се добие посебна графа „Египќани“, луѓето започнаа да составуваат петиција, не само во Македонија, но и во Косово исто така (над 4000 луѓе од Косово ја потпишаа петицијата), што беше доставена до разните дистанци на органите на власта на тогашна СФР Југославија. Тешките напори завршија со пописот од 1991 година, кога египќанските активисти успеаа да ги убедат југословенските власти да воведат графа за Египќаните во пописните листи. Што велат пописите. Колку Египќани има во Македонија? Во пописот во Македонија од 1991 година, 3307 луѓе или 0,02% беа изјаснати како Египќани. Мислам дека овој број е премногу мал и не ја рефлектира реалната ситуација на теренот. Истото се случи и со пописот од 1994 година, кога официјалниот објавен број на изјаснати беше 3169. Република Македонија се уште не пронашла методологија за собирање и обработка на податоците од пописите на населението, со која ќе се рефлектира реалната етничка структура на земјата. Нашите сознанија за бројот на Египќаните во Македонија е околу 20.000 луѓе. Политика на државата во врска со Египќаните?
Република Македонија води политика на игнорантен однос и тотално запоставување на Египќаните! Уште со Уставот од 1991 година, Република Македонија направи стратификација и класификација на тогашните “националности” со нивното “споменување” и “не споменување” во Преамбулата на Уставот на Република Македонија. Тоа никогаш не се кажа јавно или со некој документ, но во практиката сите малцински права ги уживаа само оние “националности” што се споменуваа во Уставот од 1991 година. Египќаните не беа споменати во Уставот од 1991 година и тие беа тотално маргинализирани и игнорирани од државниот систем. За тоа има многу примери: Во тогашниот Совет за меѓунационални односи во ниту еден состав, немаше ниту еден член припадник на заедницата на Египќаните, а од сите други имаше по двајца претставници; Во државните институции и органи нема ниту еден претставник на заедницата на Египќаните; Во ниту една локална самоуправа во Р. Македонија нема ниту еден член припадник на заедницата на Египќаните и покрај тоа што Законот за Локална Самоуправа беше загарантирано соодветното вработување во органите на Локалната самоуправа на претставници на националностите; т.н. “национален клуч” за упис во факултетите за припадниците на малцинстава, не важеше и се уште не важи за заедницата на Египќаните; Во образовниот систем нема никакакви информации за постоењето на оваа етничка заедница на Балканот и Р. Македонија, нејзината историја, етногенеза, етно- култура и тн. Со т.н. Охридски (Рамковен) договор, со кој се договорија само двете заедници (македонската и албанската), но, решија и за сите други заедници, без да ги сослушаат нивните потреби и проблеми, а поготово на Египќаните, се забетонира претходната неповолна состојба за Египќаните. Имено, со Уставните измени што преизлегоа од тој договор, во Преамбулата на Уставот повторно не се воведоа Египќаните, иаку за тоа имаше и Собраниска расправа преку амандман предложел од неколку пратеници и Египќаните да се именуваат во Уставот, но предлагачот на уставните измени без никакво образложение го отфрли амандманот и на гласањето само 24 пратеници гласаа “за”, што не беше доволно тоа да се усвои. Со новите Уставни измени од 2001 година, Египќаните во Македонија станаа заедница од трет или четврти ранг, бидејќи сега во Македонија постојат заедници над 20% (Македонците и Албанците), заедници под 20% споменати во Уставот, и заедници неспоменати во Преамбулата на Уставот. Дека во практиката постоја вакви небулози, пример ни е последниот конкурс за вработување на службеници во јавната администрација, каде буквално стоеше дека “важи само за заедниците споемнати во Уставот”, и покрај тоа што во Уставот, стои дека “државата гарантира соодветна и правична застапеност на сите заедници во државната власт и другите јавни институции”. Како заклучок можеме да кажеме дека државата Република Македонија, води свесна политика на дискриминација на заедниците кои не се споменувани во Преамулата на Република Македонија, меѓу кои со огромна застапеност водечки се Египќаните, потоа политика на нееднакви можности за сите граѓани, но и политика на асимилација до исчезнување, што се гледа и од самиот иницијативен извештај на Република Македонија за состојбата со малцинствата до Советот на Европа, каде партите што дури и во називот ја носат референцата “на Египќаните”, а да не зборуваме за нивните програмски определби, се ставени како партии на ромската заедница, со што дури и драстично се прекршени човековите и малцинските права на Египќаните во Република Македонија. Кои се карактеристиките на етно-културата на Египќаните? Етничката заедница на Египќаните во Македонија во голема мера има изгубено многу елементи од својата етно-култура. Нивната култура се присвојува од страна другите заедници, пред се во сферата на народните песни и игри и не се прикажуваат како дел на богатото културно наследство на Египќаните. Вредностите од културното наследство на Египќаните, во Македонија се безкрупулозно уништени или претставувани како необјасливи “феномени”, а не како дел од културното наследство на Египќаните, како на пример: уништени пронајдените храмови на Изида и Серапис во Лихнид, Стоби и Хераклеа; уништени и исчезнати мумии во Кумановско пронајдени во 1990 година; непреставување на “Требенишката култура”, како дел од египетското културно наследство и нивно присвојување; промена на имињата на значајни археолошки локалитети кои содржат етноними на Египќани и тн. Велите на Египќаните им се случува асимилација.| Египќаните во Македонија се мета за асимилирање од повеќе други заедници. Голем број Египќани под разни притисоци се приморани да се изјаснуваат за тоа што не се: Македонци, Албанци, Турци, Роми и тн. Многу често се злоупотребувала нивната слаба економска и социјална положба. Република Македонија дури и преќутно поддржува обиди на асимилација и Египќаните веќе се сметаат за асимилирани Роми. Во ниту еден состав на парламентот на Македонија немало и нема припадник на заедницата на Египќаните. Во ниту една Влада немало и нема припадник на заедницата на Египќаните, почнувајќи од министер па до се до најниските функции во државата кои се врз основа на мандат. Во ниту една владина или ресорска комисија или работна група немало и нема ниту еден член припадник на заедницата на Египќаните. Во поранешниот Совет за меѓунационални односи, а денес Комитет за односи меѓу заедниците немало и нема ниту еден член припадник на заедницата на Египќаните. Во системот на институциите на државата нема ниту еден припадник на заедницата Египќаните; Во локалната самоуправа на ниту една општина нема ниту еден преставник на Египќаните, ниту во општините каде што тие живеат во значителен број; И покрај тоа што е со Законот за Локалната самоуправа е загарантирано соодветно вработување во органите на Локалната самоуправа на претсавници на заедниците, нема ниту еден граѓанин-Египќанин што е вработен во локалните самоуправи; Во ниту еден управен одбор на јавните претпријатија, почнувајќи од највисоките државни па дури до тие од локално ниво нема ниту еден припадник на заедницата на Египќаните. |