Ансамблот за фолклор "Гоце Делчев" од Битола, годинава слави 25 годишен јубилеј. Првите чекори на познатите македонски ора тука ги научиле бројни битолчани, а ги гледале и нашите во светот. Основан од Здруженито на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, ансамблот како непишана обврска си презел да го зачува од заборавот фолклорот од овој дел на Македонија. Бранко Жежовски во Ансамблот е од неговите почетоци како играорец, а сега и како кореограф.
Колку долго сте во Ансамблот "Гоце Делчев"? Оваа година Ансамблот слави 25 години од постоењето, работата и успешното делување. Исто толку години јас сум во него.
Голем јубилеј за Ансаблот. А Вие, од кога се занимавате со фолклор? Ја почнав мојата кариера како играорец, ако можам така да речам, од 1982 годнина, кога имав 15 години. Во тоа време младите се страмеа да одат во фолклорни друштва. Обично се зачленуваа во културно-уметничките друштва кога стануваа повозрасни. За разлика од тогаш, сега со фолклор младите започнуваат да се занимаваат уште од своите 6-7 години. Каде беа Вашите почетоци? Токму тука. Во "Гоце Делчев" сум од основањето, па се до денес. На почеток работевме во МЗ "Даме Груев" ги користевме тамошните простории. Потоа се преселивме во Студентскиот дом. Немавме наши простории, па се случуваше да вежбаме на плочникот на Студенсткиот дом. Одевме дури и на фудбалското игралиште во селото Лавци за да вежбаме. Бидејќи немавме свои простории можам да речам дека нашата упорност беше решавачкиот фактор за опстанокот на Ансамблот. Но потоа дојдоа подобри времиња. Ни ја дадоа МЗ"Панде Кајзерот" за да ги одржуваме чаовите, а од 1986 година до денес сме во МЗ "Ѓорги Наумов".
За да опстои ваков Ансамбл толку долго време треба не само упорност, туку и многу работа. Треба многу работа. Да се изразам народно, еве и косата ми побеле од работа! Треба многу одрекувања, некогаш запоставување на семејните обврски, проблеми. За да се успее токму во фолклорниот аматеризам треба многу напорна работа, зашто кај нас аматеризмот е повеќе од професионализам. Тоа е така затоа што луѓето се големи ентузијасти и работат со љубов. Во фолклорот кај нас, нема професионализам ако нема аматеризам. Школите за фолклор ги немаше, па професионалните фолклористи доаѓаа од аматерските друштва. Школи за фолклор се јавија дури сега, во последните 2-3 години. Има во Средното музичко училиште во Скопје, а на новиот Универзитет во Штип има Катедра за фолклор на Владимир Јаневски. Тој беше член на "Танец" а сега професор за фолклор. Се чини дека има интерес и мора да има интерес зашто нашата земја е богата со фолклор кој е познат насекаде низ светот. Некогаш ми се чини дека во светот дури и го ценат многу повеќе отколку што го цениме самите ние. Секаде каде што се друштвата, ансамблите го презентираат нашиот фолклор, секаде се примени со аплаузи, овации. Се случува во некои земји да држиме и часови за фолклор, за пеење, играње и сл.
Рековте дека почетоците биле тешки и при оформувањето на Анасмблот "Гоце Делчев" затоа што младите се срамеле да ги играат народните игри. Како е сега и како зошто се јавувал тој страм тогаш? Се срамеа зашто менталитетот беше таков. Сега имаме обврска децата да ги упатуваме во фолклорот уште од мала возраст за да ги научат народните игри и песни, традиции, зашто таму се нашите корени. Мораме да го зачуваме нашето фолклорно богатство.
Она што сега го работите со децата од најмала возраст, тоа се се нашите изворни народни песни и игри. Се учи ли и нешто друго? Па, освен народните песни и ора од нашето поднебје, нашиот Ансабл работи и на обработки. Се разбира нив ги правиме врз основа на изворниот фолклор. Кога децата ќе ги научат основнитер чекори и елементи, одиме на нешто посложено, кон стилизација, кон обработки. А ги учиме и на изворните ора кои не се од нашиот регион, како на пример од мариовскиот и демирхисарскиот. И нив ги презентираме при нашите настапи за да ја запознаеме публиката со она што се игра на другите места во Македонија.
Што е со оние од Источна Македонија? Орото "Копачка" е би рекла репрезент на тој дел од Републикава. Тоа е бисер-оро. Него го играме во сплетот од Источна Македонија како фрагмент. Инаку "Копачка" е оро од рангот на "Тешкото", "Осоговка" како "Машкото од Егејска Македонија". Тие се бисери и треба како такви да останат.
Може ли секој да ги игра тие ора? Па, дете на почеток не може да изигра ни едно обично оро. За нив треба возрасен играорец кој ги совладал сите чекори, движења. Има елементи кои децата не можат да ги играат. Треба да се порасне, да се стигне до еден стадиум, за да почнат да се учат и тие посложените, потешките ора.
Кога се зборува за изворниот фолклор, тоа е нешто што се пренесува од генерација на генерација. Кога се работи за стилизираниот пак, како го правите? Одиме на терен и испитуваме. На пример, мариовскиот дел ние го обработувавме уште од 1995 година. "Мариовскиот панаѓур" ние го поставивме како изворна фолклорна содржина. Без никаква помош од државата, од Министерството за култура, ние како ентузијасти одевме низ Мариово, во Витолиште, Манастир, Полчиште, Бешиште. Едноставно, го испитуваме тој регион и најдовме многу стари обичаи, песни и ора. Врз база на тоа ја направивме поставката " Сплет на песни и ора од Старо Мариово и игри, песни, благослови - "Мариовски панаѓур" со кој освоивме прва награда на Фестивалот "Илинденски денови" и на Истибањско "Здраво-живо". Со таа содржина во 1999 година бевме учесници на одбележувањето на празникот на манастирот "Св. Илија" кај Витолиште, значи на изворот од каде потекнува тој обичај. Тука со македонската телевизија снимивме 30 минутен материјал кој и ден-денес се прикажува на малите екрани за празникот Илинден. Инаку, и за другите обработки на почеток одиме на терен. Сме биле во Преспа, Демир Хисар, во Егејска Макеондија од каде имаме веќе 5 кореографски стилизации. Значи врз основа на изворниот фолклор обработуваме музика и чекори, додаваме нешто наше авторско и така се создаваат новите кореографии. Како Беломорски бранувања, Кира Марија, Црнооречје, Под Пелистер и други. Имаме 12 наши оригинални фолклорни содржини, од кои седум се обработки, а пет изворни.
Што преферирате? Стилиризиан или изворен фолклор? Добро е да се почитува изворниот фолклор, но добри се и обработките. Кога имаме турнеи во странство обично ни бараат динамични игри. Така, мора да работиме и на концертна кореографија, публиката да може да ужива во елементите, носиите, движењата.
Обично сами си ги плаќате трошоците за турнеите, гостувањата, изработката на носиите и сл. Како се снаоѓате? Во поново време минимално ни помага и Општината, како и Министерството за култура. Таму веќе знаат дека Ансамблот "Гоце Делчев" е солиден, квалитетен, упорен, дека сме наградувани, дека работиме на терен и слично, па добиваме средства по поднесена годишна програма за активности. Веќе десет години наназад Министерството не поддржува во национална програмна како Ансамбл. Ги подмируваме основните трошоци, но за турнеи, гостувања мора да се снаоѓаме и на други начини. Ретко се случува гостувањата на фестивалите или турнеите да ги плаќа организаторот, како што беше на пример минатогодишната турнејата во Солун или во Португалија. Но секогаш не може да се најде таква турнеја. Кај нас некогаш самите си плаќаме и 100% од трошоците. Нашиот Ансамбл брои околу 350 членови и нормално не можеме на сите групи да им овозожиме бесплатни гостувања во странство. Ете така опстојуваме.
За време на предизборната кампања имавте средба и со Антониот Милошоски, министер за надворешни работи, а тогаш носител на кандидатската листа на Коалицијата "За подобра Македонија" предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Точно. Имаше претставници и од другите Друштва и Ансамбли кои работат во Битола. Знаете, луѓето во власта ги знаат сите работи. Знаат дека ние сме поголеми амбасадори од нив. Милошоски и самиот рече дека ги знае проблемите, знае зошто нема спонзорства во фолклорот и културата воопшто. Како може да има спонзорства ако се знае дека ако некоја фирма ве спонзорира за турнеја во странство, на сумата што ни ја дава треба да плати и данок на држвата. Тоа треба да се укине. Фирмата, приватна или државна, што сака да ни излезе во пресрет треба да биде ослободена од плаѓањето на тие давачки. Мои предолози беа уште да се укинат визите за нашите патувања, потоа во Музичкото училиште во Битола да се отвори фолклорна паралелка во која ќе се изучуваат народните песни, ора, инструменти, обичаи, потоа да се вратат назад сите укинати вработувања во КУД и ансамблите. Имено, во 1998 година се прекинаа вработувањата во фолклорот и околу 20 лица, кореографи, останаа без работа. Последна работа која ја предложив, а за која се залагам од времето кога бев младинец, е во нашиот регион, поточно во Битола да има уште еден професионален ансамбл како што е "Танец". Зошто тоа го зборувам?! "Танец" е она што е - државен професионален ансамбл. Во него не можат да се соберат сите надарени фолклористи од цела Македонија. Таму се претежно деца од скопските ансамбли. И јас самиот можев да станам член на "Танец". Ги исполнував сите услови, но ми рекоа дека нема да можат да ми обезбедат сместување и ред други работи за нормален живот, па морав да се вратам назад. Токму затоа, за децата од нашиот регион кои се занимаваат со фолклор мора да се направи професионален ансамбл. Врвни играчи кои и по 20 години биле одлични фолклористи-аматери, ги губиме неповратно. Ако има професионализам, ако играорецот знае дека може да егзистира, да живее од фолклорот, тогаш и аматерските ансамбли ќе бидат појаки.
Ансамблот "Гоце Делчев" по се изгледа е многу силен, ако ги земеме предвид годините кои опстојувате. 25 години постоење, кое ќе го одбележите со голем концерт кој ќе се случи на 27 јуни во локалитетот Хераклеа. Да. Јубилејниот концерт ќе биде во Хераклеа. Ќе учествуваат сите наши членови, од почетници до елитни. Ќе имаме и гости од нашиот регион, групи, солисти. Нашиот Управен одбор се потруди и изнајде средства за него. Ќе презентираме бројни игри од нашиот регион, изворни и стилизирани, а ќе имаме и едно изненадување за публиката. Инаку, во Хераклеа настапуваме веќе петта година по ред и можам да речам дека е исполнета до максимум. Над 2. 500 до 3. 000 гости има на секој концерт на овој локалитет и тоа посебно не радува. Таквата посетеност значи дека имаме поддршка од битолчани за нашата работа. За декември го подготвуваме и официјалниот концерт на кој ќе настапат и играоргците од првата генерација на Ансамблот. Тоа ќе биде средба на генерациите, од почетници до ветерани.
Летово ќе имате и настап во Чешка? Ќе биде од 10 до 17 јули, на Првата светска средба што ја организираат Децата бегалци од Егејска Македонија. Ние сме формирани од Здружнието на Македонците од Егејска Македонија- со седиште во Битола и како нивни членки учествуваме на таа средба. Таму мораме да се претставиме во најдобро светло со игри од Егејска Македонија. Организатор е Здружението "Македонија" со претседателот Димитрија Кирјаковски, а ќе биде во градот Оломуц. Проблем, кој верувам дека ќе се реши, се визите. Ќе патуваме со главниот ансамбл и со младинците. Одлична екипа.
Како очекувате понатаму да се развива фолклорот во земјава и конкретно во "Гоце Делчев"? Ансамблот "Гоце Делчев" сигурно ќе оди по нагорна линија, но со фолклорот воопшто, доколку не се случат некои измени, повторно ќе се тапка во место. Сите ансамбли ќе си бараат решенија на свој начин, зашто секој вагон свои патници си носи. Секој ќе мора да си бара свој начин за да опстои. |