|
„Помни ги родендените на другите“. На твоите блиски луѓе секако. Но, и на оние помалку блиските. Честитај им роденден, изненади ги со некој гест на внимание и направи им го денот со тоа што барем на момент ќе бидат - ем изненадени, ем убаво ќе им биде! Кој не сака трошка внимание? Било од близок или помалку близок човек...
Мисли на нејзиното/неговото лице осветлено од насмевка што само пријатно изненадување ја носи и уживај во убавината на носењето радост некому. Особено ако не те очекувал. Кога сме веќе кај родендените да ви раскажам уште нешто. Неодамна бев на роденден кај една моја драга пријателка, Н. Правеше 52 години. Имаше покането околу триесеттина гости. Роденденската прослава ја замислила како славенички коктел во нејзиниот најубав на светот двор, но поради временските непогоди забавата се пресели на првиот кат од семејната куќа. Лошото време не ја намали светлината на лицето на Н. таа цела вечер ја помина насмевната гордо кажувајќи за своите 52 години од денес. Забавата ја отвори славеничката со говор во согласност со приликата наздравувајќи со чаша шампањ и јагоди. Убаво... Се чувствувавме како царици. Славеничката беше облечена во сиви панталони (познати како шалвари), сива кошула и турбан со сребрени детали. Беше згодна и се разбира на високи потпетици. И поканетите гости (сите жени) не беа подолу. Блескаа без разлика на возраста. Тогаш прв пат забележав дека жената е убава и на педесет и нешто. Но под услов да се сака себе си. Јас бев единствената, драги мои која беше без шминка и изговор, што се вели, но тоа не беше пречка за да добијам еден досега неслушнат од моево уво комплимент: „Изгледаш како цвет кој мами да биде веднаш набран.“ Интересно, си велам. И, претпоставувам искрено, штом од жена доаѓа. По првиот бран на срам и восхит се погледнав на огледалото во салонот и видов дека носам фустан со многу цвеќе на него. Можеби затоа – помислив. Е сега... Она што ми беше убаво, она што ми беше интересно, помалку ново и ретко беше тоа што наспроти најголемиот број жени на овие простори кои ги кријат годините како змијата нозете и не слават роденден уште од времето кога биле тинејџерки со изјави од типот „сега, на овие години уште за роденден сме“, јас видов една друга димензија, едно друго гледање на работите, едно поинакво носење на годините, што морам да признам дека повеќе ми се допадна. Мојата драга пријателка Н. на заминување ми рече „На годините да им дадеме живот, а не на животот само години...“ Се насмевнав, ја бакнав и си отидов со мисла: сакам да го имам овој мој дух и на 52, па и на 72. Зошто да не?
П.С. Н... како Невен... што значи не венее... |