|
Со почетокот на летото и летните горештини, започнува сезоната на капење на помладите во поблиските реки и езерца додека спортските риболовци се почесто ги посетуваат своите омилени места на езерата, реките и барите. Затоа би сакал да им обрнам внимание, на овие љубители на природата кои ги посетуваат локалните води, на една зооноза, која од едно безопасно капење може да доведе и до тешки последици па и до смрт. Тоа е лептоспирозата.
Тоа е акутна Инфективна болест која најчесто се јавува кај животните, но лесно се пренесува и на човекот. Причинител на болеста е спирохета од родот лептоспира. Најчест преносител на болеста се глодарите, но и домашните и дивите животни. Ловечките кучиња може лесно да се заразат со пливање во загадени бари, при ловот на птици. Животните лептоспирата ја излачуваат преку урината и со тоа го контаминираат тлото и водата. Лептоспирата е способна преку повредените места на кожата или преку слузницата на очите или устата да продрат во организмот. Тоа може да се случи при директен контакт со заболените животни, или преку контакт со заразено тло, или капење во води каде уринирале заразените животни. Многу често Глодарите со својата урина ја загадуваат храната и водата на домашните животни. Домашните животните често не покажуваат симптоми на болест, но со својата урина ги загадуваат реките и езерата, па најзагрозена популација, покрај луѓето кои професионално се занимаваат со животни се децата кои одат да пливат во вакви езера и рибарите кои се ладат со пливање или ги мијат рацете во езерото, а потоа јадат или пушат цигари. Најчеста старост статистички (во Војводина) на заболени од оваа болест се оние од 42 години, кои најчесто одат на Риболов Со влегувањето во организмот лептосирата преку крвта напаѓа повеќе органи во човечкото тело. Времето за појавување на првите симптоми (инкубацијата) е околу две недели. Во првата фаза на болеста се јавува покачена температура, главоболка, слабост и "печење во очите. По една недела овие симптоми се губат, а се јавуваат симптоми кои се врзани зависно од кој орган е нападнат. Најчесто се јавува менингитис (воспаление на мозочните овојници), нефритис (воспаление на бубрезите) и бронхопнеумониа (воспаление на белите дробови). Овој облик на лептоспироза се лечи успешно, со антибиотици, но во 15 % на случаите може да се појави како многу потешка форма, наречена Беијлова болест со симптоми на жолтица, крварење на кожата и застој во работата на бубрезите. Овој облик може да доведе и до смрт на пациентот. Болеста се открива преку симптомите, со пронаоѓање на причинителот во урината и со серолошки испитувања. Пожелно е навремено лечење во соработка со инфектолог, нефролг и кардиолог. Најважни превентивни мерки против лептоспрозата се уништивање на преносителите, глодарите, со редовна дератизација, добро чување на сточната храна и редовна вакцинација на кучињата. Човекот најдобро може да се заштити со избегнување да се плива во неиспитани води и поголема хигиена при престојувањето во природа. |