|
Археологија Хроничарот Јован Хаџи Васиљевиќ забележал дека џамијата Јени на денешен Пекмез Пазар кај Саатот, е црквата "Св. Ѓорѓија". Била украсена со потковици кои според легендите, ги оставил коњот на свети Ѓорѓи. Овие потковици на џамијата стоеле се до 1893 година, кога при реновирање на џамијата, нив ги покрил Павле Ристиќ, ѕидар од Смилево. Инаку, легендата кажува дека градителите на џамијата (врз црковните темели) граделе, ама како што тоа обично бидува, градбата се уривала, се додека врз ѕидот покрај вратата не ставиле потковици од коњот на светецот.
Продолжија ископувањата во најатрактивниот историски споменик во центарот на Битола. Две џамии и три цркви на исто место во Битола
Битолските археолози по три години пауза деновиве се вратија на ископувањата во еден од најатрактивните историски споменици во центарот на Битола, Јени-џамија. Се очекува да се потврдат претпоставките на археолозите за исчезнатиот средновековен град од византискиот период кој се наоѓал во централното градско подрачје на Битола. Станува збор за локација за која преданието вели дека таму била црквата „Свети Ѓорги", а експертите тврдат дека имало две џамии и три цркви. - Најновите истражувања ќе се одвиваат во јужниот агол на џамијата, како и во тремот. Со тоа се очекува да се стекнеме сознанија и факти за основата на трите објекти кои претходно се откриени. Потоа ќе продолжиме со ископување во западниот дел на овој верски објект, и во тремот каде веќе најдовме фрагменти од парапетни плочи, дел од олтарна преграда која најверојатно е од најстариот објект, најави археологот Гордана Филиповска-Лазаровска. Истражувањата во овој дел на градот се континуитет на проектот кој го почна починатиот Томе Јанакиевски, врвен експерт, кој во свое време тврдеше дека под џамијата во Битола има црква. - Во северниот агол на наосот на џамијата откривме ѓаконион на еден објект кој најверојатно е граден во 7. век бидејќи не се пронајдени мозаични парчиња, карактеристични и традиционални за градбите до 6. век, вели Филиповска-Лазаровска. Според неа, постојат реални можности со новото истражување да се наиде на поголеми делови од фрески, можеби и остатоци од ликови на светци, со што ќе се придонесе за разрешување на енигмата за средновековна Битола. Некаде во 11. век според опусот на градењето има нов објект кој исто така е сакрален. По уривањето на тој објект изграден е уште еден во 13. и 14. век. - Има индиции дека претходно постоела постара џамија, бидејќи денешните темели на џамијата всушност не се темели туку ѕидови, појаснува Филиповска-Лазаровска, повикувајќи се на денешниот говор на битолчани „кај новата џамија", што значи постоела и стара џамија, односно тука имало две џамии и три цркви. Овој проект е финансиран од Министерството за култура со 1.500.000 денари, а обезбедени се и дополнителни средства за изработка на проект за конзервација на ѕидното сликарство во џамијата. - За кусо време битолчани, но и голем број туристи ќе бидат сведоци на атрактивен објект од средновековна Битола, со стаклен под каде ќе се гледа една од црквите, односно раскошот на две цивилизации, исламската и христијанската по примерот на Аја-Софија во Истанбул, соопшти директорот на битолскиот Музеј, Зоран Николовски. Ископувањата ќе се реализираат во наредните три месеци, бидејќи објектот е подложен на влага и активностите не можат да продолжат наесен. Во истражувањето е вклучена бројна екипа составена од археолози, конзерватори, керамичари и антрополози. |