|
Кои се правилата што можат да го направат нашиот живот среќен? Еве неколку што ми ја направија среќна неделата, а со тоа и животот.
5. БЛАГОДАРНОСТ. Навечер пред спиење, додека лежиш во твојата мека постела, спомни си за својот создател. Наброј ги во мислите сите нешта со кои тој те благословил. Кажи си, слободно кажи си: Ти благодарам драг Господе што сум жива, Ти благодарам што сум здрава, Ти благодарам што имам покрив над главата, Ти благодарам што имам леб на масата, Ти благодарам за прекрасната лозница во мојот двор, Ти благодарам за љубовта што принцот ми ја дава, Ти благодарам за радоста во моето срце додека го слушам цвркотот на птиците, Ти благодарам за милоста што ја чувствувам кога го гледам синот на другарка ми како расте, Ти благодарам за солзите и тагата што ја чувствувам кога гледам дете како проси босо. Тоа ме прави жива, тоа ме прави човек. Ти благодарам боже, Ти благодарам што сум човек. Нека биде така. 6. „ЈАВИ И СЕ ПО ТЕЛЕФОН НА ТВОЈАТА МАЈКА“, или уште поубаво посети ја. Знам дека имаш обврски, знам дека немаш време, знам дека по цел ден работиш, се грижиш за децата, за куќата. Понекогаш ти е поинтересно на кафе со пријателите, признај дека е така. Знам, се случува. Но, сепак... и покрај сé, најди време за твојата мајка, посети ја, однеси и цвеќе без причина, бакни ја, кажи и дека ја сакаш безусловно. Направи го тоа додека можеш... Еден ден ќе биде доцна. Имаше еден период во мојот живот кога не можев да ја видам мајка ми и да и кажам сé што сакав да и кажам. Беше многу тежок период за мене. За среќа, помина. Повторно ја имам мајка ми. Ја гушкам, ја бакнувам, и мијам садови, и носам цвеќе. Баш денеска..  7. „ВО БРАК СТАПИ ИСКЛУЧИВО ЗАРАДИ ЉУБОВ“ Сé друго нема смисла. Ќе се увериш порано или подоцна. На твојата сопруга донеси и цвеќе, подоцна ќе се сетиш на причината. Можеш дури да и испратиш букет со картичка на која ќе се потпишеш како некој кој мисли дека си прекрасна. Откако сопругата ќе направи ќеф, кажи и дека тоа беше ти. Не ја запоставувај својата сопруга и барем една вечер во неделата посвети ја исклучиво на вас двајцата. Немој да се плашиш да кажеш „згрешив“ кога ќе има потреба од тоа. Не потценувај ја моќта на зборовите кои ќе ти помогнат да ги поправиш нарушените односи помеѓу тебе и твојата жена, на пример. Ќе ти откријам една тајна. Кога се караш со сопругата (нели некогаш и така доаѓа) никако не излегувај од дома на сред караница. Тоа ќе направи караницата да трае со денови. Ако сакаш караницата да заврши веднаш, извини се без оглед на тоа кој е виновен. Волшебните зборови кои лекуваат се „јас сум виновен, извини што те вознемирив, ќе ми простиш ли?“ Помага сигурно, и кај најпроблематични сопруги. Нешто многу важно: Не си фраер ако постојано зборуваш колку е јака оваа или онаа. Особено не во присуство на жена ти. Еден од квалитетите на фраерот е тоа што фраерот прави жената да се чувствува прекрасна, посебна, единствена. Жената, драг мој „фраеру“ сака да е најубава во твоите очи... Жената „фраеру“ сака наместо да се џариш по секој сукња што минува на Широк Сокак, да го користиш својот ум, креативност и фантазија и да ја однесеш Неа на некое посебно место, да и зборуваш и да и симнуваш ѕвезди. Ниту една жена „фраеру“ не сака да слуша како некоја друга жена е авион. Никоја. Затоа не се чуди што жена ти води љубов со тебе едвај еднаш месечно. За тоа си ти виновен. Направи и на твојата жена да се чувствува добро, потруди се околу неа, покажи и чувства и распламти ги подизгаснатите огнови. Ќе видиш што ќе излезе од жена ти. Може нема да ти се верува, ама ќе бидеш среќен. Направи го тоа пред некој друг да го направи. П.С. Од мене толку, од Господ повеќе! |